ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим, денес порача дека сите имаме голема одговорност за воспоставување одржлив мир, безбедност и стабилност на Балканот, и дека е неопходно да се спречи проблемите на Блискиот Исток да се прошират кон другите региони, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим во Истанбул на 21. Евроазиски економски самит зборуваше за важноста на стабилноста на Балканот и значењето на заедничката борба против тероризмот на Блискиот Исток. „Сите ние имаме голема одговорност за одржлив мир, безбедност и стабилност на Балканот, бидејќи на Блискиот Исток веќе има доволно проблеми. Неопходно е да го спречиме ширењето на овие проблеми во другите региони. Турција разумно се движина Балканот и никогаш немала, ниту ќе има империјалистички цели. Во кој регион и да оди, Турција оди таму за добро, за пријателство, за мир“, изјави Јилдирим.
Зборувајќи за ситуацијата во Сирија, Јилдирим изјави дека денешното време не е време на натпреварување и конкуренција.
„Време е да ги завиеме раните во регионот, време е за заедништво, а времето за кавги од типот 'ти си појак, јас сум појак', оставете го настрана. Време е заеднички да се бориме против тероризмот, со почитување на територијалниот интегритет на Сирија и Ирак, без двојни стандарди и без правење разлика меѓу терористичките организации“, порача Јилдирим.
Тој додаде дека големите сили денес имаат многу поголема одговорност, но и покрај тоа, тие меѓусебно се закануваат преку Твитер, се караат како улични кабадаии.
„Особено земјите кои имаат голема моќ, постојаните членки на ОН, денес имаат многу поголема одговорност. Но, што прават тие? Едни на други се закануваат преку Твитер. Дали светот сака да ги набљудува вашите препирки или фактот дека исчезнуваат животите на милиони лица? Еден вели: 'Јас имам подобри ракети', друг вели: 'Моите ракети се подобри', и добива одговор: 'Прати ги. Ако не ги пратиш...' Улична кавга! Се караат како улични кабадаии“, порача Јилдирим.
- Иванов на форумот во Истанбул: „Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум“ -
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денес имаше свое обраќање на 21. Економски форум за Евроазија во Истанбул.
Иванов истакнa дека учеството на Евроазискиот форум е задоволство и предизвик бидејќи се дискутира за актуелни теми неоптоварени од бирократските бариери.
„Претставува задоволство бидејќи Фондацијата Мармара го покажаа најдоброто, традиционалното и надалеку познатото турско гостопримство. Учеството е и предизвик, бидејќи секоја пролет дискутираме за важни и актуелни теми, но неоптоверени со дипломатски, бирократски бариери“.
Иванов пред присутните посочи кон одговорноста со која пристапуваат кон темите кои се разговараат на форумот, истакнувајќи дека не случајно е избрано форумот да се одржува токму напролет.
„Пролетта секогаш се поврзува со нова надеж и нови идеи. Така, и во текот на оваа пролет, ќе дискутираме за сето она што ги очекува нашите држави и нашите општества, а тоа е влијанието на дигиталната трансформација врз политиката, државите, економијата, енергетиката. Ќе зборуваме за пресоздавање на градовите од старомодни во паметни градови“, истакна Иванов.
Претседателот на Р. Македонија посочи дека денеска, во третиот милениум, секој посакува да биде дел од новите проекти за развој на човековиот капитал, додавајќи дека преку интернетот и новите технологии, знаењето од целиот свет е на дофат.
„Потребно ни е образование што ќе создава луѓе за третиот милениум. Ќе ги опфатиме и вечните теми како што се балансот меѓу слободата, поредокот и улогата на лидерството. Во нашиот глобализиран свет, многу форуми и иницијативи многу бргу замираат и исчезнуваат, но Евроазискиот економски форум трае веќе 21 година, и тоа е знак дека е успешен. Идеите кои се опфаќаат тука се земаат предвид не само во Република Турција туку и во целиот евроазиски регион“, рече Иванов.
Иванов нагласи дека секогаш му претставува привилегија да го сподели македонскиот светоглед, но истовремено и да ги земе предвид советите на лидерите кои веќе не се активно вклучени во политиката, а кои заедно со учесниците на форумот ја споделуваат својата мудрост, идеи и искуство.
Осврнувајќи се на предизвиците на 21. век, Иванов рече: „Сето ова го правиме имајќи ги на ум младите генерации, оние кои треба да дојдат после нас. Да не губиме од предвид дека додека зборуваме за предизвиците на 21. век, веќе се раѓаат деца кои ќе го доживеат и ќе живеат во 22. век“.


Претседателот Иванов, во рамките на „21. Економски самит на Евроазија“ се состана со премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим.