Ekipa
05 Октомври 2022•Ажурирај: 06 Октомври 2022
ВАРШАВА (АА) - Полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Полска е во преговори со САД во врска со приклучување кон Програмата за нуклеарно споделување на НАТО, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Секогаш постои можност да се учествува во нуклеарно споделување. Со американските лидери разговаравме за тоа дали САД ова го сметаат како можност. Темата е отворена“, изјави претседателот во интервју за весникот „Газета Полска“.
Политиката на НАТО за нуклеарно одвраќање им овозможува на членките без сопствено нуклеарно оружје да учествуваат во планираната група на Алијансата.
Од трите нуклеарни сили во НАТО (Франција, Велика Британија и САД), само САД преземаат нуклеарно споделување. Белгија, Германија и Италија се меѓу сојузниците кои имаат американско нуклеарно оружје на своја територија.
„Доколку Кремљ започне нуклеарна војна, одговорните ќе бидат проколнати низ целиот свет. Проблемот, пред сѐ, е што немаме нуклеарно оружје“, рече Дуда.
Полскиот претседател истакна дека неговата земја ќе продолжи да ја поддржува Украина против руската војна.
„Полска ќе биде покрај Украина. Украина мора да се брани и да ја преживее оваа војна. Мораме да донесеме ситуација во која Русија ќе мора да ги повлече своите војници. Украина треба да се врати на меѓународно признатите граници, пред руската агресија во 2014 година“, додаде Дуда.