Vesna Besiç
11 Јули 2016•Ажурирај: 11 Јули 2016
ПОТОЧАРИ (АА) - Голем број членови на семејствата на убиените Сребреничани во 1995 година, роднини и пријатели, веќе пристигнуваат во комплексот на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари, со цел после 21 година да ги закопаат коските на своите најмили, јавува Anadolu Agency (AA).
Ковчезите со посмртните останки на 127 жртви на сребреничкиот геноцид, вчера по попладневните часови се изнесени во Мусалата на Меморијалниот центар. Денес, по повеќе од две децении конечно ќе го пронајдат својот мир на гробиштата на Меморијалниот центар каде досега се закопани 6.277 жртви.
Мајките, сестрите, браќата и татковците се тука и денес како и секој 11ти јули, да се збогуваат од своите најмили со кои се збогувале пред 21 година. Тогаш, поголемиот број од нив, преку шумите тргнале кон слободната територија.
Раце на ковчези, солзи и тишина, таква атмосфера владее во Мусалата на Меморијалниот центар, каде што зелените ковчези се подредени еден до друг. Во тишината на Меморијалниот центар, 127 зелени ковчези сведочат за големото злосторство сторено во топлиот јули 1995 година.
Во Меморијалниот центар во Поточари, на 11-ти јули, ќе се клања погребна молитва и ќе биде извршено закопување на посмртните останки на 127 жртви, меѓу кои 12 малолетници.
Најмладата жртва е 14-годишниот Авдија Мемиќ, а ќе биде закопан заедно со својот чичко Абдурахман и неговиот 16-годишен син Халил. Досега во Поточари се закопани 6.377 жртви.