Ekipa
29 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
БАРСЕЛОНА (АА) - Стотици илјади противници на независноста на Каталонија се собраа денес во Барселона, два дена откако каталонскиот парламент еднострано прогласи независност на таа шпанска покраина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од организацијата Граѓанско општество на Каталонија, која ги организираше протестите, порачаа дека целта на собирот е да се пружи поддршка на единството на Шпанија.
Протестот се организира под мотото „Сите ние сме Каталонија. Здрав разум за соживот“, а според организаторите, над еден милион луѓе маршираа низ улиците на Барселона, каде што немаше ниту еден инцидент. Од полицијата сè уште не објавија податоци за бројот на учесници на собирот.
Атмосферата на протестот е опуштена и весела, и масата демонстранти кои носат шпански, официјални каталонски знамиња и знамиња на ЕУ го преплавија централниот булевар во Барселона. Некои од нив носеа транспаренти на кои, меѓу другото, пишуваше: „Нема да дозволиме Шпанија да се распаѓа во делови“, „Будење на замолчаната нација“.
Граѓанското општество на Каталонија пред три недели исто така организираше масовен собир низ улиците на Барселона, на кој присуствуваа стотици илјади противници на независноста на тој шпански регион.
„Доцна се организиравме, но тука сме за да покажеме дека повеќето Каталонци веќе не сакаат да бидат тивки“, рече претседателот на организацијата Алекс Рамос.
На протестниот марш се придружија и членови од централната влада, меѓу кои и министерката за здравство Долорс Монтесерат и претставникот на шпанската влада во Каталонија Енрик Мило.
За денес не се најавени собири на поддржувачите на независноста.
Во петокот попладне, пратениците на Парламентот на Каталонија со тајно гласање, кое го бојкотираше опозицијата, прогласи независност од Шпанија. Кратко потоа, Сенатот на Шпанија ѝ одобри на Владата на премиерот Маријано Рахој примена на мерки без преседан од уставниот член 155, кои подразбираат смена на каталонскиот претседател и неговата влада.
Шпанија во саботата, рано наутро, со објавата во Службен весник, ја распушти каталонската регионална влада.