Orhan Güngör
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
АГРИ (АА) - ОРХАН ЃУНЃОР – Американскиот геолог и палеонтолог Раул Есперанте пристигна во областа Агри за да ги истражи трагите и доказите дека во тој делот на Анадолија се насукала Ноевата арка по потопот, на највисоката турска планина Агри (Арарат), јавува Anadolu Agency (AA).
Есперанте во Агри ќе присуствува и на 4. Меѓународен симпозиум за насукувањето на Ноевата арка, а потоа ќе започне со истражување на теренот.
Во изјава за АА, Есперанте изјави дека од Калифорнија дошол за да истражи какви сѐ катастрофи се случиле во тој дел на Турција, како и за да трага по доказите за Ноевата арка.
„Ќе ги истражувам падините на планината Арарат на кои постојат траги од Ноевата арка. Моето подрачје на истражувања се големи катастрофи и минатото. Тоа ќе го направам и тука, и на крајот ќе ги напишам и ќе ги објавам резултатите до коишто ќе дојдам“, изјави Есперанте.
Репортерската екипа во таа пригода од воздух ги сними одроните од планината на која се верува дека се насукала Ноевата арка.
Во Агри стигна и професорот од Универзитетот во Истанбул, Октај Бели, кој подолго од четири децении врши археолошки истражувања на Арарат.
„Потопот и Ноевата арка не се легенди, туку настан што навистина се случил. Сите свети книги зборуваат за тоа. Тоа се случило тука, во Анадолија. Го почитуваме тој дел од нашата национална култура“, изјави Бели.
Укажувајќи на традицијата за ашуре, која се одржува секоја година, во првиот месец (мухарем) според хиџра, Бели укажа дека и таа традиција е показател на почитување на Ноевата арка, која била спас во текот на дамнешниот потоп.
„Ное го сметаме за втор татко на човештвото. Веруваме дека тој живеел токму тука и повторно ја градел цивилизацијатат, и затоа организираме симпозиуми и собири. Горди сме на тоа“, изјави Бели.
Укажувајќи на тоа дека целата светска јавност ги следи истражувањата поврзани за Ноевата арка, Бели истакна дека симпозиумите досега резултирале со објавување на 108 трудови коишто зборуваат за таа тема.