Mümin Altaş
06 Јуни 2018•Ажурирај: 07 Јуни 2018
АГРИ (АА) - Турскиот премиер и заменик-претседател на владејачката Партија за правда и развој (AK Parti), Бинали Јилдирим, денес изјави дека Турците и Курдите веќе еден милениум живеат заедно во Анадолија и порача дека арогантните странски кругови не треба да им бараат држава, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на десетици илјади граѓани на предизборниот митинг на АК партијата во центарот на Агри во источниот дел на Турција, Јилдирим истакна дека Турција нема проблем со Курдите, туку само со терористите кои се закана и за курдскиот народ.
Истакнувајќи дека денешниот собир во центарот на Агри е уште едно изразување на единството и братството во Турција, Јилдирим, исто така, потсети и на храбриот отпор кој локалните жители на Агри го покажаа спротиставувајќи се на пучистите на ФЕТО во средината на јули 2016 година.
Потсетувајќи дека во минатото курдскиот јазик бил забранет во тој турски регион и дека мајките не можеле да зборуваат со своите деца на нивниот мајчин јазик, Јилдирим рече дека со доаѓањето на АК Партијата на власт, оваа забрана била отстранета и тргнала кон патот на демократијата без отстапување.
„Ова е наша земја, наша татковина. Некои империјалисти сакаат на Курдите да им формираат држава. Наводно, тоа сакаат да го направат во Сирија и Ирак. Курдите и Турците веќе илјада години живеат заедно во Анадолија и не им требаат тие арогантни кругови да им прават држава. Ние велиме една нација, едно знаме, една татковина и една држава. Ставивме крај на дискриминацијата и на нашите браќа и сонародници им обезбедивме еднаков пристап до сите можности што ги обезбедува државата“, порача Јилдирим.
Јилдирим наброја бројни проекти кои во изминатата деценија и пол значително го подобрија квалитетот на животот во Агри на крајниот исток на Турција и најави нови проекти во регионот.
„Повторно ја отворивме фабриката за шеќер која во овој град беше затворена. Денес ќе отвориме и фабрика за цемент во подрачјето Догубејазит во која ќе работат 600 луѓе“, изјави Јилдирим.
Предвремените парламентарни и претседателски избори во Турција ќе се одржат на 24 јуни. За влез во Парламентот се борат 8 политички партии и 68 независни кандидати.
Првпат во Турција на изборите политичките партии ќе настапат здружени и во алијанси. Владејачката АК Партија на изборите ќе настапи во состав на Народната алијанса во која е сè уште и досегашната опозициска Партија на национално движење (MHP). Oпозициската Народна републиканска партија (CHP) влезе во Националната алијанса во која се и неодамна формираната Партија IYI, Партијата Саадет и Демократската партија.
Вкупно 6 кандидати учествуваат во изборната трка за претседател на Турција, а покрај актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, тука се и Мухарем Инџе, Мерал Акшенер, Селахатин Демирташ, Темел Карамолаоглу и Догу Перинчек.
Претстојниот изборен процес е важен поради фактот што Турција по изборите преминува од парламентарен на претседателски систем на управување.
Во согласност со уставните промени се укинува позицијата премиер, а извршните овластувања, по изборот ги презема претседателот на државата. Законодавните овластувања и понатаму ќе бидат концентрирани во Парламентот, со тоа што тој ќе вбројува 600, наместо досегашните 550 пратеници.
Претседателот на државата и на Парламентот се бираат на мандат од пет години.