Efsun Yılmaz
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ИЗМИР (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека одлуката за ажурирање на Царинската унија, како и повторното придвижување на прекинатите преговори со Европа не припаѓа на Турција туку на ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим зборуваше на Егејскиот економски форум во Измир, Турција. Тој додаде дека во текот на два дена ќе се разговара за економијата, иднината, визијата, земјоделството, индустријата, трговијата и за производството во Егејскиот регион.
Како што истакна тој, видливо е подобрувањето во глобалната економија, но сѐ уште постојат елементи на кои треба да се обрне внимание.
„Во овој период низ кој поминуваме, сѐ уште не се поминати регионалните тензии и економската ранливост што се појави по глобалната криза“, смета Јилдирим.
Тој додаде дека речиси половина од извозот на Турција е реализиран со европските земји.
Јилдирим потсети дека светот се менува, а исто така се менува и рамнотежата во регионот. Тој додаде дека во блиска иднина ќе можат да се видат значајни промени во светската економија и во геополитичката рамнотежа.
Турскиот премиер истакна дека промените како референдумот и намерата за отцепување значително ќе влијаат и на регионалната економија.
Според кажаното, ситуацијата на Блискиот Исток моментално не е охрабрувачка, а тој се осврна и на нелегитимниот референдум во Регионалната курдска управа во северен Ирак и на предлогот за замрзнување на резултатите од тој референдум за да се спречат воените операции во регионот.
Турскиот премиер укажа на тоа дека недостатокот на политички авторитет во Сирија и во Ирак, состојба што трае веќе неколку години, како и постоењето на терористичките организации, преставуваат пречка во регионот за долгорочно и среднорочно планирање.
Јилдирим изјави дека Турција е гаранција за регионот.
„Турција е влезна врата за безбедноста на Европа“, изјави Јилдирим, кој потсети дека земјата во изминатите шест години станала дом за повеќе од 3,5 милиони бегалци.
Тој истакна дека сакаат нивните европски пријатели подобро да го разберат овој товар и пожртвуваноста на Турција.
„Европа овие денови бара начини да се избори со екстремизмот. Она што ние како Турција го велиме е дека за оној што ќе ни се доближи чекор, ние ќе му се доближиме за два. Ние се држиме до тој став“, порача Јилдирим.
Тој се осврна и на прашањето за ажурирање на Царинската унија.
„Европа ќе донесе одлука дали сака проширена Европа во која се наоѓа и Турција или сака да се претвори во клуб Европа, кој своите граници ги затворил со високи ѕидови. Ние сме тука. Не донесуваме ние одлука за ажурирање на Царинската унија или за повторно придвижување на преговорите со Европа, туку ЕУ“, изјави Јилдирим за време на обраќањето на Егејскиот економски форум во Измир.
Тој изјави дека донесувањето на економските одлуки не е лесно, но оти 2018 година за Турција ќе биде подобра од 2017, како и дека нивната цел за раст е најмалку 5,5 отсто.
„Немојте да бидете изненадени ако на крајот од годината растот изнесува седум отсто“, порача Јилдирим.