Eda Fatma Topçu
15 Октомври 2018•Ажурирај: 16 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот министер за трезор и финансии, Берат Албајрак, изјави дека довербата на инвеститорите, на глобалните играчи кон Турција, секој ден е сè поголема, јавува Anadolu Agency (AA).
Албајрак имаше обраќање на отворањето на самитот „Целта 2023-та, Голема Турција“, и укажа на тоа што како локација за организација на самитот е избран новиот аеродром.
Тој потсети дека првата фаза од проектот на новиот аеродром во Истанбул кон крајот на месецот ќе биде отворена со церемонија на која е планирано и присуството на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Додаде дека проектот ќе биде најјасниот предвесник на Турција 2023-та. Истакна дека нивната обврска е да ја градат и да ја зајакнуваат земјата.
Албајрак потсети и на оние што не сакаат Турција да јакнее и што не работат во нејзин интерес.
Министерот укажа на значењето на економската политика и дипломатијата како во изминатата недела, во која се стекнати различни искуства, но и на програмата за сеопфатна борба против инфлацијата започната во вторникот.
„Во борбата против инфлацијата првин со бројките од октомври, а потоа со бројките од ноември и декември, ќе го продолжиме трендот на пад, и плодовите од оваа борба ќе ги собереме во целата економија“, истакна Албајрак.
Тој додаде дека се организирани состаноци со многу глобални инвестициски фондови и претставници на банки со кои е разговарано за новата економска програма во Турција.
„Довербата на инвеститорите, глобалните играчи во нашата земја, секој ден е сè поголема. Целиот свет јасно го гледа следново, која било друга земја да се соочеше со шпекулативни напади со какви што се соочи Турција, би дошло до голема криза“, рече Албајрак.
Тој истакна дека неодамна со министерката за трговија, Рухсар Пекџан, разговарал за бројките за месец октомври, и истакна дека постои можност да се постави нов рекорд.