свет

16 американски држави го тужат Трамп поради прогласувањето вонредна состојба

Тужбата, предводена од сојузната држава Калифорнија, е поднесена во Федералниот окружен суд во Сан Франциско и има за цел да го блокира објавувањето вонредна состојба и изградбата на ѕидот

Umar Farooq  | 19.02.2019 - Обновена : 19.02.2019
16 американски држави го тужат Трамп поради прогласувањето вонредна состојба

Washington

ВАШИНГТОН (АA) - Коалиција од 16 американски сојузни држави поднесе тужба против администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, со цел да го спречи неговиот обид да ги пренасочи милијардите долари федерални средства за финансирање на ѕидот со Мексико, преку прогласување вонредна состојба, јавува Anadolu Agency (AA).

Тужбата, предводена од сојузната држава Калифорнија, е поднесена во Федералниот окружен суд во Сан Франциско и има за цел да го блокира објавувањето вонредна состојба и изградбата на ѕидот.

„Претседателот Трамп произведува криза и прогласува измислена национална вонредна состојба, со цел да преземе надмоќ и да го поткопа Уставот“, се вели во соопштението на гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом.

„Прогласувањето вонредна состојба е голем срам. Наместо да се фокусира на борбата против вистинските проблеми со кои се соочуваат Американците, претседателот ја користи моќта на највисоката позиција во Америка за да го распали пламенот на нативизмот и ксенофобијата. Нашата порака до Белата куќа е јасна: Калифорнија нема да биде дел од овој политички театар. Ќе се видиме на суд.“

Трамп во петокот објави национална вонредна состојба за да успее во обезбедувањето финансии за изградба на ѕидот, без потреба од одобрување од американскиот Конгрес.

Администрацијата на Трамп ги одреди изворите за над 8 милијарди долари за финансирање што можат да се искористат за градење на границата по објавувањето на вонредната состојба, од кои најголем дел - 6,1 милијарда долари - ќе дојдат од фондови што претходно му беа доделени на Пентагон.

Демократите предупредија дека нема никаква вонредна состојба на јужната граница на САД, и дека со нејзиното прогласување претседателот прави опасен преседан. Неколку републиканци, исто така, го предупредија Трамп против ваквиот потег.

Сигурно е дека потегот на претседателот ќе потегне правни консеквенции во Конгресот. Член 1 од Уставот предвидува дека не е дозволено земање средства од трезорот без согласност на Конгресот. 

Трамп претходно истакна дека тој најверојатно ќе се соочи со тужба, но рече дека очекува на суд да мине „успешно“.

Преку тужбата се посочува дека објавувањето на ваква вонредна состојба е неуставна поради одредбата од член 1, која вели дека Конгресот го контролира трошењето на средствата во државата. 



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın