Diyar Güldoğan
11 Јануари 2017•Ажурирај: 12 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Финскиот министер за надворешни работи Тимо Соини денес изјави дека Финска го поддржува процесот на пристапување на Турција во ЕУ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на 9. Конференција на амбасадори во турската престолнина Анкара, Соини рече: „Мојата земја сака Турција да биде блиску до Европа и до нејзините вредности“.
Соини рече дека Финска е безусловен пријател на Турција и дека двете земји делат исти демократски вредности.
Министерот изјави дека Турција и ЕУ имаат значајни заеднички интереси.
„И Турција и ЕУ ќе имаат корист од продолжувањето на преговорите за пристапување. Финска смета дека преговорите за членство на Турција во ЕУ се многу важни“, рече Соини.
Соини истакна дека Финска останува посветена на преговорите за пристапување и одржува отворен дијалог со Турција.
Исто така, тој ја пофали Турција за згрижувањето на повеќе од три милиони бегалци.
„Се надевам на понатамошен развој на соработката со Турција и на заедничката работа за стабилност, просперитет и благосостојба“, додаде тој.
Соини додаде и дека Финска е најсилен поддржувач на членството на Турција во ЕУ.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека Финска и Турција соработуваат и во многу други области.
„Финска и Турција соработуваат во многу области, не само во Европа, туку и пошироко“.
Турција аплицираше за членство во ЕУ во 1987 година, а разговорите за пристапување започнаа во 2005 година.
Сепак, преговорите влегоа во ќор-сокак во 2007 година. Германската и француската влада се спротивставија на полноправното членство на Турција во ЕУ.
За да добие членство, Турција мора успешно да ги заврши преговорите со ЕУ во 35 поглавја, кои вклучуваат реформи и усвојување на европските стандарди.