Meltem Bulur
01 Мај 2017•Ажурирај: 02 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Поранешниот врховен командант на здружените сили на НАТО за Европа, генерал Весли Кларк, изјави дека Турција со својата извонредна култура и големото наследство, во иднина ќе биде една од најмоќните земји во светот. Но, според него: „Во исто време, тоа значи дека Турција ќе се соочи со многу предизвици“.
Кларк, кој се наоѓа во Истанбул поради учеството на Самитот на Атлантскиот совет за 2017 година, во разговор за Anadolu Agency (АА), изјави дека во сириската криза треба да се дејствува чекор по чекор. Тој истакна дека борбата против ДЕАШ треба да се води без да предизвикаат цивилни жртви, а според неговото мислење, за ослободувањето на Мосул ќе биде потребно време.
„Со ослободувањето на Мосул ќе се случи движење во Рака, а ДЕАШ ќе ја изгуби регионална база“, вели Кларк. Тој нагласи дека тоа нема да значи крај на ДЕАШ, и дека оние луѓе што сакаат да ги бранат своите ставови преку насилство, ќе продолжат да бидат жртви на организации како ДЕАШ.
- „САД и Русија треба да го најдат вистинскиот пат за соработка“ -
Зборувајќи за ставовите на САД и на Русија во врска со кризата во Сирија, Кларк изјави дека иако двете земји имаат некои интереси во тој регион, тие интереси не се поклопуваат во Сирија, додавајќи дека поради тоа е тешко да се најде соодветен начин на соработка.
„Политичкиот процес е тешка работа што треба да се прави заедно, имено, формирање влада во регионот исчистен од ДЕАШ и се разбира, обезбедување прекин на огнот“, вели Кларк.
- „Ќе продолжи нестабилноста и насилството“ -
Кларк, исто така, предупреди дека во случај на продолжување на кризата, ќе продолжат и нестабилноста и насилството, кои низа години доминираат во Сирија и во неколку земји на Блискиот Исток.
„Додека Иран продолжува со напорите да го задржи влијанието во Ирак, Сирија и во Либан, и додека другите нации и понатаму и се спротивставуваат на нападот на Иран, дискусиите, состаноците и насилството ќе продолжат“, рече тој.
- „Турција ќе се соочи со предизвици“ -
Оценувајќи ја позицијата на Турција на Блискиот Исток, каде што се случува криза, Кларк посочи дека Турција е членка на НАТО и дека тие се сосема задоволни со тоа. Според него, турската Влада прави многу добра работа со тоа што се грижи за сите бегалци.
„Некои групи меѓу Курдите сакаат да основаат своја држава постигнувајќи независност. Ова е прашање што, исто така, ќе влијае и врз Турција и врз Ирак, но исто така, и врз Иран. Од друга страна, ако Иран ги исполнува условите утврдени пред две години, во договорот за нуклеарната програма, и ако тоа создаде огромно олеснување и за него и за Западот, тогаш ќе се отвори за пазарот. Турција, иако може да биде краток пат, таа е конкурентна држава. Поради тоа, сѐ уште е нејасно какви чекори ќе преземе Иран во врска со ова. Така Турција, во Европа и во Азија, со водните патишта, со својата извонредна култура и големото наследство, во иднина ќе биде една од најмоќните земји во светот. Но, во исто време, тоа значи дека Турција ќе се соочи со предизвици“, рече Весли Кларк.