свет

Службеничка за човекови права во Стејт департментот даде оставка поради политиката на САД за Газа

Анел Шелин (38), која работеше како службеник за надворешни работи во Бирото за демократија, човекови права и труд, истакна дека „не може да ѝ служи на администрацијата што овозможува такви злосторства“

Rabia İclal Turan  | 28.03.2024 - Обновена : 29.03.2024
Службеничка за човекови права во Стејт департментот даде оставка поради политиката на САД за Газа

ВАШИНГТОН (АА) - Службеничка на Стејт департментот поднесе оставка во знак на протест поради поддршката на администрацијата на Бајден за израелската војна во Појасот Газа, јавува Анадолу.

Анел Шелин (38), која една година работеше како службеник за надворешни работи во Бирото за демократија, човекови права и труд, во напис за Си-ен-ен истакна дека „не може да ѝ служи на администрацијата што овозможува такви злосторства“ и поднесе оставка пред завршувањето на нејзиниот двегодишен договор.

„Како претставник на влада која директно го овозможува она за што Меѓународниот суд на правдата рече дека би можело веродостојно да е геноцид во Газа, таквата работа стана речиси невозможна“, напиша таа.

„Колкав кредибилитет и да имаа САД како застапници за човекови права, тој речиси целосно исчезна од почетокот на војната“, додаде таа.

Шелин рече дека одлучила јавно да поднесе оставка бидејќи одговорот на нејзините колеги бил: „Ве молиме, зборувајте и во наше име.“

Таа додаде дека низ федералната влада, вработените како неа со месеци се обидуваат да „влијаат на политиката, и внатрешно и кога тоа не успеа, јавно“.

Истакнувајќи дека Стејт департментот констатира дека Израел е во согласност со меѓународното право со војната и во обезбедувањето хуманитарна помош, Шелин напиша: „Да го кажам ова кога Израел го спречува соодветниот влез на хуманитарна помош, а САД се принудени од воздух да им фрлаат храна на изгладнетите жители на Газа, ова ги исмева тврдењата на администрацијата дека се грижи за законот или за судбината на невините Палестинци“.

Шелин рече дека била „прогонувана“ од последната објава на социјалните мрежи на 25-годишниот припадник на американските воздухопловни сили Арон Бушнел, кој почина откако се самозапали пред израелската Амбасада во Вашингтон на 25 февруари во знак на протест против израелската војна во Газа.

„Многумина од нас сакаат да се запрашаат: 'Што би правел кога би бил жив за време на ропство? Или Џим Кроу Саут? Или апартхејд? Што би направил ако мојата земја врши геноцид?' Одговорот е, вие го правите. Токму сега“, напиша Бушнел во објавата.

Шелин истакна дека повеќе не може да продолжи да го работи она што го работела.

„Се надевам дека мојата оставка може да придонесе кон многуте напори да се поттикне администрацијата да ја повлече поддршката за војната на Израел, за доброто на 2 милиони Палестинци чии животи се загрозени и за доброто на моралната положба на Америка во светот“, додаде таа.

Прашан за оставката, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер ја опиша Шелин како соработник во Стејт департментот која ја завршила првата година од стипендирањето што можело да трае две години.

Милер рече дека постои „широка разновидност на ставови во Стејт департментот“ за политиката на САД за Газа.

„Она што се обидуваме да го направиме во Стејт департментот, она што секретарот (Ентони Блинкен) го наложи на својот тим да го прави е да се осигури дека луѓето имаат можност да ги искажат своите ставови“, рече Милер.

„Тој ги чита телеграмите за одредени несогласувања кога се издаваат. Тој се среќава со вработени кои имаат широк спектар на ставови. Ги слуша нивните повратни информации и ги зема предвид во неговото одлучување. Ги охрабрува другите високи службеници во Департментот да го прават истото тоа“, додаде тој.

Оставката на Шелин е втора јавно објавена протестна оставка од 7 октомври, откако Џош Пол, поранешен директор на Бирото за политичко-воени прашања, јавно ја објави својата оставка на 19 октомври.

Тарик Хабаш од Одделот за образование, исто така поднесе оставка во јануари, наведувајќи го пристапот на администрацијата на Бајден кон конфликтот во Газа и нејзиниот неуспех да го запре она што тој го нарече „тактика за колективно казнување од страна на Израел“.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.