ЊУЈОРК (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во авторскиот текст во американскиот весник „Њујорк тајмс“ (The New York Times) наведе дека повлекувањето на САД од Сирија мора да биде внимателно извршено во соработка со вистински партнери, пренесува Anadolu Agency (АА).
„Претседателот Трамп направи правилен чекор со одлуката за повлекување од Сирија. Сепак, повлекувањето на САД од Сирија мора да биде извршено во соработка со вистински партнери за да се заштитат интересите на САД, меѓународната ситуација и сирискиот народ. Турција, која има втора најголема војска во НАТО, е единствена земја која има сила и посветеност да ја изврши оваа задача“, напиша Ердоган, додавајќи дека Турција има план за воспоставување мир во Сирија.
Тој истакна и дека Турција во 2016 година станала прва земја која ги распоредила копнените трупи за борба против ДЕАШ во Сирија.
„Нашиот воен упад оневозможи пристап на оваа терористичка организација на границите на НАТО и ја спречи нејзината способност да спроведе терористички напади во Турција и Европа. За разлика од коалициските операции во Рака и Мосул, кои во голема мерка се осврнуваа на воздушните напади кои се извршени со мал или никаков обзир за цивилните жртви, турските трупи и борци на Слободна сириска војска одеа од врата до врата за да ги искоренат бунтовнците во Ал Баб, поранешното упориште на терористичката организација ДЕАШ“, напиша Ердоган.
„Нашиот пристап ја остави градската инфраструктура во голема мерка недопрена и овозможи животот да се врати во нормала за неколку дена. Денес децата се враќаат во училиштата, болниците кои Турција ги финансира ги лекуваат болните, а новите бизнис-проекти отвораат нови работни места и ја зајакнуваат локалната економија. Ова стабилно опкружување е единствен лек против тероризмот“, наведе турскиот претседател.
Тој нагласи дека Турција е крајно одлучна за тоа, ДЕАШ и другите терористички групи да бидат поразени во Сирија.
„Турција е посветена на поразот на ДЕАШ и на другите терористички организации во Сирија, бидејќи турскиот народ добро е запознаен со заканата на насилен екстремизам. Во 2003 година, кога станав премиер, координираните напади на Ал Каеда однесоа десетици животи во Турција. Неодамна терористите на ДЕАШ ги имаа за цел нашите граѓани, нашиот начин на живот и инклузивниот, умерен поглед на светот кој нашата цивилизација го претставува. Пред неколку години, терористичката организација ме нарече подмолна сатана. Го видовме ужасот на лицата на илјадници христијани и Језиди, кои бараа засолниште во Турција, кога овие терористи дојдоа по нив во Сирија и Ирак“, наведе Ердоган.
„Повторувам уште еднаш, терористите никогаш нема да победат. Турција ќе продолжи да го прави она што мора за да обезбеди сигурност за себе и благосостојба на меѓународната заедница“, напиша турскиот претседател.
- Сакаме да спроведеме сеопфатна стратегија -
„Во воена смисла, ДЕАШ е поразена во Сирија. Сепак, длабоко сме загрижени дека некои надворешни сили можат да го користат остатокот од организацијата како изговор за мешање во внатрешните работи во Сирија“, наведе Ердоган.
Тој истакна дека воената победа против терористичките организации е само прв чекор.
„Лекцијата на Ирак, каде што е родена оваа терористичка организација, е дека предвремените изјави за победа и непромислените акции создаваат повеќе проблеми, отколку што ги решаваат. Меѓународната заедница денес не смее да ја направи истата грешка“, изјави Ердоган.
Тој напомена дека неговата земја предлага сеопфатна стратегија за отстранување на главните причини на радикализација.
- Немаме никакви проблеми со сириските Курди -
„Сакаме да обезбедиме граѓаните да не се чувствуваат одвоени од власта, терористичките групи да не дојдат до пленот по жалбите на локалните заедници и обичните луѓе да може да сметаат на стабилна иднина. Првиот чекор е создавање стабилизациски сили со борците од сите делови на сириското општество. Само разнолико тело може да им служи на сите сириски граѓани и да донесе закон и ред во различни делови на земјата. Во оваа смисла, би сакал да истакнам дека немаме никакви проблеми со сириските Курди“, наведе турскиот претседател.
„Во воени услови, многу млади Сиријци немаа избор, освен да се придружат на ПЈД/ЈПГ, сирискиот огранок на ПКК кој Турција и САД го сметаат за терористичка организација. Според Хјуман Рајтс Воч, милитантите на ЈПГ го прекршија меѓународното право на регрутирање на децата. По повлекувањето на САД од Сирија, ќе завршиме интензивен процес на проверка за повторно да ги споиме децата војници со нивните семејства и во новите стабилизациски сили да ги вклучиме сите борци кои не беа поврзани со терористичките организации“, наведе Ердоган.
Тој истакна дека пружањето адекватна политичка застапеност за сите заедници е уште еден значаен приоритет.
„Под надзор на Турција, сириските подрачја кои се под контрола на ЈПГ или ДЕАШ ќе бидат под управата на советите кои ќе ги избере народот. Поединци, кои не се поврзани со терористичките групи, ќе имаат право да ги претставуваат своите заедници во локалните власти. Локалните совети во претежно курдските делови на северна Сирија во голема мерка ќе се состојат од претставници на курдската заедница, истовремено обезбедувајќи дека сите останати групи имаат праведна политичка застапеност. Турските официјални претставници со релевантно искуство ќе ги советуваат во општинските работи, образованието, здравствената заштита и итните служби“, напиша во текстот.
Тој додаде дека Турција има намера да соработува и да ги координира акциите со своите пријатели и сојузници.
„Ние бевме блиску вклучени во процесите во Женева и Астана и сме единствени учесници кои истовремено можат да работат со САД и Русија. Ќе работиме на тие партнерства за да се заврши работата во Сирија“, истакна Ердоган.
„Време е сите заинтересирани страни да ги здружат силите за да се стави крај на теророт кој го покрена ДЕАШ, непријателот на исламот и муслиманите низ светот, и да се сочува територијалниот интегритет на Сирија. Турција се согласува да го преземе овој товар во критичен момент во историјата. Веруваме дека меѓународната заедница ќе застане со нас“, заклучи турскиот претседател во авторскиот текст во американскиот весник „Њујорк тајмс“.