Murat Paksoy
18 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека светот мора да развие заеднички јазик против сите видови дискриминација и омраза, и оти не смее да дозволи трендови кои ги хранат идеологиите на радикализмот и екстремизмот, кои прераснуваат во насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во нашата ера, за жал, имаме расизам, омраза кон странците, исламофобија и други дискриминации што ги оддалечуваат луѓето и дополнително го цепкаат и го дестабилизираат општеството. Потребно е да се развие заеднички јазик заснован на заемно почитување и солидарност, со цел заеднички да се спротивставиме на овие трендови“, порача Јилдирим во своето обраќање на отворањето на Форумот на „TRT World“ (ТРТ ворлд) во Истанбул.
Тој нагласи дека тероризмот е проблем на целото човештво и оти борбата против него бара глобална соработка.
„Каде и да се појави, тероризмот го сметаме за непријател на човештвото. Тероризмот е проблем на целото човештво. Без оглед на сѐ, каде и да сме, без да се прават какви било разлики, тероризмот мораме да го осудиме. Глобалната соработка е неопходна за силна борба против тероризмот“, порача Јилдирим.
Зборувајќи за сѐ по присутното непријателско располжение кон странците и кон мигрантите во Европа, кое како што рече, во последниот период има влијание и на политичкиот простор, Јилдирим рече:
„Тоа јасно ја потврдува и нашата загриженост што во изминатиот период ја изнесувавме. Турција, земајќи ги предвид сите тие случувања, ќе продолжи со својата добронамерна политика и политика на подавање рака. Колку и да се грижевме за проблемите во Сирија, толку се посветивме и на прашањата за Аракан. Колку и да трчавме во Палестина, исто така ќе трчаме и за помош на Сомалија“.
Јилдирим се осврна и на последните случувања во Сирија.
Исто така, тој потсети дека Турција, Русија и Иран започнале со формирање на безбедносен круг за завршување на судирите и за воспоставување безбедност во сирискиот регион на градот Идлиб.
„Во согласност со почитувањето на територијалниот интегритет и почитувањето на демократските барања на сирискиот народ, ние ќе продолжиме да даваме поддршка за секој чекор кон изградбата на просперитетна и стабилна Сирија“, порача Јилдирим.
Кога станува збор за борбата против терористичката организација ДЕАШ, Јилдирим потсети дека Турција за време на офанзивата „Штитот на Еуфрат“ исчисти од терористите простор од околу 2.000 квадратни километри, и му овозможи на сирискиот наорд повторно да се врати на ова подрачје.
„За време на офанзивата, неутрализиравме повеќе од 3.600 припадници на терористичката организација ДЕАШ. Ниту една земја во светот денес не покажа одлучна борба против ДЕАШ, во мера како што покажа Турција. Освен тоа, уапсивме најмалку 4.500 припадници на ДЕАШ, ги затворивме и спречивме околу 50.000 странски борци да преминат во регионот преку нашата територија“, нагласи Јилдирим.