Tuğrul Çam
18 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денес во Анкара изјави дека турската делегација ќе разговара со делегацијата на САД во врска со актуелната криза со прекинот на издавањето визи, но оти Турција нема со наведната глава да ги спроведува работите што се обидуваат да ѝ ги наметнат, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со португалскиот колега Аугусто Сантос Силва во Анкара, Чавушоглу изјави дека Турција и Португалија се важни сојузници и оти посетата на Силва во Турција е добра можност за разменување мислења во врска во важните прашања и за унапредување на билатералната соработка на сите полиња.
Осврнувајќи се на актуелната криза со неиздавањето визи меѓу Турција и САД, Чавушоглу изјави дека делегациите на двете земји наскоро ќе ги разгледаат начините за надминување на таа криза.
„Ќе ги примиме и подготвени сме на соработка во согласност со нашите закони, уставот и суверенитетот, но Турција не е подготвена да ја наведне главата под притисоците, и во старт ги одбиваме сите услови што се неприфатливи. За соработка сме тука, но Турција има независно правосудство“, изјави Чавушоглу и додаде дека турските институции секогаш ќе ги процесуираат одговорните за кривичните дела, без оглед во која установа работат.
САД го прекинаа издавањето визи за турските државјани поради апсењето на локалниот вработен на американскиот конзулат во Истанбул, кого турските органи го товарат за поврзаност со терористичката отганизација ФЕТО, а Турција одговори со прекин на издавањето визи за Американците.
Чавушоглу денес изјави дека таа криза е непотребна и оти не е исправно тоа што на крајот се казнуваат граѓаните.
„Меѓутоа, ние моравме да одговориме на тој потег на САД“, изјави Чавушоглу и додаде дека е уверен оти прашањето ќе биде решено со заемно почитување и разбирање.
На прашање на новинарот да ја коментира актуелната криза предизвикана со нелегитимниот референдум за независност во северниот дел на Ирак, Чавушоглу изјави дека Регионалната курдска управа направила голема грешка и не ги слушала советите од Анкара.
„Ние им рековме дека тоа многу ќе ги чини, но не слушаа. Мислеа дека ќе заработат, но не заработија. Мислија дека ќе ги обединат Курдите, а го постигнаа спротивното, ги поделија. Моментално таму владее голем хаос“, изјави Чавушоглу.
Тој истакна дека е најважно во Ирак да заживее мирот.
„Ние секогаш зборувавме дека ја поддржуваме целовитоста на Ирак и оти сите потези ќе ги правиме во соработка со официјален Багдад“, заклучи Чавушоглу.