Andaç Hongur,Sefa Mutlu
20 Март 2016•Ажурирај: 21 Март 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изјави дека сеењето страв и паника е јасната цел на терористичките напади врз невини цивили на јавни места, што беше случај неодамна во Анкара и вчера во Истанбул, и порача дека ниту една терористичка организација нигде во светот со тој метод не дошла до својата цел, а секако, нема ниту во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Кога размислуваме за тоа зошто терористичките организации како ПКК и ДАЕШ на ваков начин за мета ја земаат Турција, пред очи ни доаѓаат други сили и нивните намери кон Турција“, рече Ердоган.
Ердоган присуствуваше на затворањето на Меѓународната конференција за образование на децата во Конгресниот центар „Халич“ во Истанбул, каде што говореше за актуелните терористички закани во светот.
Нагласувајќи дека Турција никогаш нема да се предаде и да потклекне пред терористите, и дека турскиот народ и држава никогаш нема да се откажат од своите цели и визии, Ердоган рече дека терористите и оние кои стојат зад нив во Турција, ќе бидат поразени со одлучна борба и единство на нацијата во таа борба.
Истакнувајќи дека терористичките организации и нивните ограноци се исти според целите и злото што го прават, Ердоган рече дека играта со различни називи и разводнувањето на одговорноста за нападите е само обид на терористите да ја залажат јавноста.
„Нашите безбедносни сили ќе вложат додатни напори во оваа решителна борба против тероризмот. Ќе ги поразиме сите оние кои сакаат да ја загрозат стабилноста на државата и единството на нацијата. Оваа борба ќе ја изведеме и сами како нација ако тоа биде потребно, но таа сигурно ќе заврши со наша победа“, порача турскиот претседател.
Најавувајќи продолжување на антитерористичката борба во Турција, како судбинска потреба, Ердоган рече дека Турција во овие тешки денови на искушенија нема да ги заборави своите пријатели, но дека нема да ги заборави ниту оние кои кон неа вртат оружје или поддржуваат такви сили.
Турскиот претседател остро ги критикуваше и земјите од Западот кои неретко ја критикуваат неговата реторика и им порача дека тој ќе ги критикува сите оние кои стојат и додека стојат зад шаторот во кој во центарот на Брисел се величаат терористите и нивните лидери.
„Говорите за слобода на изразување, па за каква слобода на изразување говорите, кога по нападите во Париз кревате сè на нозе како да е крај на светот, но не сте вознемирени кога такви напади ќе се случат во Анкара или Истанбул. Што треба да ви кажам, треба да ви аплаудирам?“, рече Ердоган и порача дека и понатаму ќе продолжи со критиките сè додека не види конкретна и искрена солидарност во борбата против тероризмот.