Nurettin Coşkun
20 Мај 2017•Ажурирај: 21 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (AA) – Претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган денеска во Истанбул порача дека неговата земја гарантира слободна дебата за секоја идеја, се додека таа не му служи на тероризмот, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган се обрати на симпозиумот на Универзитетот Ибн Халдун, кој е организиран во Истанбулскиот конгресен центар.
„Како и јаворот што се суши кога ќе ја прекине својата врска со коренот, и земјата која ќе ја изгуби врската со своето цивилизациско богаство е осудена на идејна суша. Невозможно е да се остварат оргинални и вредни дела доколку не се користи со векови собраниот океан на знаење. Доколку го занемариме минатото, не можеме да чекориме кон иднината. Сите тешкотии кои ги преживеала оваа земја, ги проживеала од комплексот на помала вредност. Најголема штета на овој народ му нанесоа непријателите на вредностите на овој народ од кој и самите произлегле", порача Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека оние кои не признаваат никој друг освен следбениците на својата идеологија, денеска преку слободата на говорот го напаѓаат претседателот, владата и државата Турција.
Нагласи дека Турција може да го продолжи својот пат кон иднината со генерација која добро ја познава својата држава и култура, а не со оние фрагментирани карактери кои ниту добро го познаваат Западот, ниту го познаваат Истокот.
„Ние во текот на нашата историја немавме проблеми ниту со изворот на науката ниту со идентитетот на научниците. Се што е добро, корисно и убаво го применувавме во нашиот живот", рече Ердоган.
Исто така, тој нагласи дека Турција гарантира слободна дебата за секоја идеја, се додека таа не му служи на тероризмот.
„Решително ќе ја продолжиме борбата против тероризмот. Нашата борба не е против различно мислење. Нашата борба е против тероризмот, терористичките организации и оние кои со овие злосторнички организации обезбедуваат вербална и идејна муниција", нагласи претседателот Ердоган и заклучи:
„Никаде во светот терористичката пропаганда не може да влезе во рамките на слободата на говорот. Ниту една цивилизирана држава нема да дозовли терористичките мрежи да се гнездат на универзитетите. Оружјето, Молотовите коктели и насилството никогаш не можат да бидат средство за остварување на правата."