АНТАЛИЈА (АА) - Мевлут Чавушоглу, министерот за надворешни работи на Турција, изјави дека Обединетите нации (ОН) треба да формираат комисија или да започнат истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на посетата на Анталија, Чавушоглу одговараше на прашањата од новинарите за неодамнешната посета на Турција од страна на специјалната известувачка на ОН за вонсудски погубувања Агнес Каламард, по повод убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Тој истакна дека Каламард во Турција престојувала со експертски тим од 5 до 6 членови.
„Со нив ги споделивме информациите што ги собравме во текот на истрагата. Ги добија сите општи и детални информации за целиот процес. Ова не е официјална истрага, туку се работи за делегација собира првични информации“, рече Чавушоглу.
Тој додаде дека според тоа ОН треба да формираат комисија или да започнат истрага за убиство на Кашоги.
„Сепак, за истрага на ОН потребна е одлука на Советот за безбедност. За жал, тоа не го гледаме како можност поради ставот на некои земји, но формирање на комисија која би работела на расветлување на убиството може да одобри генералниот секретар или нкомесарот за човекови права“, рече турскиот шеф на дипломатија.
- Турција во следните дена ќе поднесе барање -
Чавушоглу истакна дека Турција заедно со уште некои други земји во наредните денови ќе поднесе барање во врска со ова прашање, бидејќи, како што рече, се уште постојат одредени неразјаснети прашања.
„Саудиска Арабија призна дека Џамал Кашоги прво е убиен во Генералниот конзулат во Истанбул, по што неговото тело е исечено на парчиња, но сè уште не знаеме каде е неговото тело, каде се парчињата од телото. И неговото семејство има право да ја знае вистината. Важно е истрагата да биде завршена, така што ќе бидат расветлени сите прашања. Од друга страна, сите имаат некој коментар или мислење за тоа кој стои зад убиството, кој дал инструкции. Но, сè уште од Саудиска Арабија не сме добиле јасен одговор за ова прашање. Исто така признаа дека имале и локални соработници во Турција, но за тие луѓе уште не добивме никакви информации“, рече Чавушоглу.
Тој потсети дека Турција сите информации и докази ги споделила со целата меѓународна заедница, но и со Саудиска Арабија.
„Од друга страна, од Саудиска Арабија не можевме да добиеме никакви информации во врска со ова прашање и околу истрагата која таму се спроведува. Во светло на сите овие факти, најдобро ќе биде ОН да преземат иницијатива. Доказите на известувачката на ОН се совпаѓаат со нашите наоди што досега ги собравме. Тоа е исто така важно“, рече Чавушоглу.
Каламард неодамна престојуваше во Турција во рамките на истрагата за убиството на Кашоги.
Џамал Кашоги, новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), беше убиен на 2 октомври 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул.
Турското обвинителство откри дека тој бил брутално задавен по влезот во конзулатот, и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите на Саудиска Арабија подоцна признаа дека Кашоги бил убиен, и дека не го напуштил конзулатот, како што првично тврдеа.