Ekipa
23 Август 2018•Ажурирај: 24 Август 2018
АНКАРА - Гласноговорникот на Кабинетот на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин, изјави дека случајот со американскиот свештеник Ендрју Брансон е правно прашање, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Со сигурност е неприфатливо тоа што САД го игнорираат судскиот процес и имаат низа барања. САД не можат од другите земји да го бараат она што не можат да го направат во сопствената земја“, истакна Калин во специјална изјава за новинската агенција „Ројтерс“.
Калин додаде дека е вредно за внимание тоа што САД во секоја прилика, кога станува збор за независно судење, на Турција и другите земји им даваат предлози, коментираат и упатуваат барања за правниот процес кој е во тек. Неговите забелешки дојдоа откако советникот за национална безбедност на САД претходно за „Ројтерс“ изјави дека Турција направила „голема грешка“ со тоа што не го ослободува Брансон.
„Тоа што некој е свештеник или верски службеник не е доволно да се претпостави дека е невин. Одлуката е судска, и сите, вклучувајќи ги и САД, мораат да ја почитуваат одлуката која ќе ја донесе турското правосудство. Како што беше случај и претходно, и сега важи тоа правило“, додаде Калин.
Исто така се осврна и на судењето на Хакан Атила, заменик генералниот директор на „Халкбанк“, истакнувајќи дека секој знае дека Атила е неправедно осуден во процесот кој е завера на терористичката организација ФЕТО.
„Исто така е неприфатливо и доведувањето во фокус на низа неправедни и невтемелени обвиненија против „Халкбанк“ и обидот за нанесување штета на оваа наша јавна банка. Јасно е дека целта не е да се открие вистината за иранските санкции, туку тоа се обиди за дискредитирање на уважените институции и поединци, како и изрекување неправедни казни. Сакаме да нагласиме дека Турција е крајно вознемирена поради овој процес“, додаде Калин во писмената изјава до „Ројтерс“ . Калин смета дека изјавите на американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон, за економската ситуација во Турција и одлуката на Катар за инвестирање укажуваат на застрашувачка ситуација.
„Овие изјави се признание дека НАТО сојузот е мета на економската војна на администрацијата на Трамп. Но ова прашање не е ограничено на Турција. Тоа покажува дека администрацијата на Трамп досега во слични судири влегувала со Мексико, Канада, Куба, Кина, Русија, Иран, ЕУ, Германија и други земји, и дека трговијата, данокот, санкциите и слично има намера да ги користи за започнување глобална трговска војна“, изјави Калин.
Тој предупреди дека овој пристап е спротивен на одлуките на Светската трговска организација (СТО) за оданочување, а со тоа и на прописите на слободниот пазар.
„Поради тоа Турција, Индија, Народна Република Кина, Швајцарија, Норвешка, Канада, Русија, Мексико и ЕУ до Меѓународниот трговски суд поднесоа тужба против САД кои воведоа додатни даноци на челик и алуминиум. Постои глобален проблем. Јасно е дека проблемот меѓу САД и Турција е дел од проблемот меѓу администрацијата на Трамп и светот“, појасни Калин.
Нагласи дека Турција нема намера против кого било да започнува економска војна.
„Но не може да се очекува дека Турција немо ќе ги набљудува нападите врз нејзината економија и правосудство. Турција против пристапот на воведување забрани и казни ќе делува заедно со светот и на сите нивоа ќе ги штити националните интереси“, порача Калин. Смета дека изјавите за поддршка на Турција кои пристигнуваат во последно време, покажуваат дека земјата е на исправен пат. „Одлуката на пријателската и братска земја Катар за инвестиција од 15 милијарди долари имаше смирувачко влијание на пазарите. Го цениме ова што го направи Катар. Односите меѓу Катар и Турција ќе продолжат да јакнат на сите нивоа“, порача Калин.
Тој се осврна и на важноста на поддршката од земјите, меѓу кои се Германија, Франција, Италија, Русија, Кина и Иран.
Додаде дека чекорите што се преземени за да се поразат нападите на турската лира дале позитивни резултати и дека Министерството за трезор и финансии на Турција и другите надлежни институции ќе продолжат да преземаат мерки за да се надмине постоечката состојба во економијата.
„Овие политички, правни и економски потези не се во согласност со сојузничкиот дух. Тоа е спротивно на темелните начела на НАТО. Исто така, многу земји на НАТО јасно изразуваат незадоволство поради овој став на американската администрација. Политиката која американската администрација ја следи во последно време е во спротивност со основните принципи и вредности на НАТО сојузот. Не е можно да се прифатат изјавите кои носат карактеристики на признание дека против Турција е започната економска војна“, порача Калин.
Односите меѓу Турција и САД се нарушени откако американската администрација воведе санкции за двајца турски министри поради процесуирањето на американскиот свештеник Ендрју Крег Брансон во Турција.
На 10 август оваа година, Трамп соопшти дека се удвојуваат американските тарифи за увоз на турскиот алуминиум и челик. Потоа, Турција исто така ги зголеми тарифите за неколку производи од САД, вклучувајќи ги алкохолот, тутунот и автомобилите.