Ivana Ramadanova
26 Февруари 2018•Ажурирај: 27 Февруари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Собранието на Република Македонија денеска се одржува 13. Конференција на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Eвропа - КОСАП, јавува Anadolu Agency (AA).
Конференцијата свечено ја отвори и со неа претседава претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Артан Груби, а свое поздравно обраќање имаше и претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој се осврна на стратешките приоритети на Македонија за влез во ЕУ и НАТО.
„Актуелното парламентарно мнозинство и оваа владина коалиција цврсто се решени да ги надминат оние отворени прашања кои нè блокираат на нашиот европски пат, а со тоа дефинитивно да добиеме датум за отпочнување на преговорите со ЕУ, иако да потсетам Европската комисија досега повеќе пати има дадено препорака за добивање датум“, рече Џафери.

Тој посочи дека договорот што беше постигнат со Бугарија и актуелните разговори со Грција околу спорот за името, ја потврдуваат определбата на Македонија преку дијалог и заемно почитување да се изнајдат решенија и за најчувствителните прашања, додавајќи дека за реформите предвидени со Планот 3-6-9, не е доволен само ангажманот на парламентарното мнозинство и Владата, туку е потребно и целосно вклучување на опозицијата.
Според евроамбасадорот Самуел Жбогар, инвестирањето во стабилноста и напредокот на Западниот Балкан, значи инвестирање во стабилноста и иднината на Европската Унија, истакнувајќи дека 2018 година може да биде од големо значење за регионот, година кога можат да се направат неповратни чекори од аспект на евроинтеграциите.

„За тоа да се случи, сите политички сили во земјата треба да се здружат во една прореформска и проевропска агенда. Улогата на опозициските партии е незаменлива. Интеграцијата на регионот е во политички, безбедносен и економски интерес на Европската Унија. Инвестирањето во овие области е суштинско за доброто на сите наши граѓани. а тоа, исто така, значи можност ЕУ да стане поголема и посилна до 2025 година“, истакна Жбогар.
Европратеникот Иво Вајгл упати порака до Владата и опозицијата истакнувајќи дека мора да работат заедно, бидејќи како што рече, опозицијата е дел од парламентарниот систем и силна опозија може да има свој удел и да преземе дел од одговорноста.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, се осврна на владеењето на правото, посочувајќи дека најголем предизвик со којшто се соочува земјата е владеењето на правото.
„Зајакнувањето на владеењето на правото, за жал, бара многу повеќе од само законски измени, бара измени во однесувањето и бара генерациски избор. Тоа значи дека граѓаните треба да бараат отчетност, транспарентност и информирање од страна на институциите“, истакна Бејли.

Министерот за надворешни работи на Р. Македонија, Никола Димитров, на денешната конференција на парламентарните комисии за европски прашања истакна дека за Македонија не е главна цел самото членство во Европската Унија.
„Нашата цел е да го искористиме процесот за пристапување кон Европската Унија, за во Македонија да направиме вистинска европска демократија каде што ќе владее правото. Владеењето на правото ќе ни помогне и во начинот како ја водиме политичката расправа меѓу власта и опозицијата бидејќи ако владее правото а не еден човек или тесна група околу него, влогот нема да биде сè или нешто, ќе биде многу понормален и ќе има натпревар на способности, визии и политики“, истакна Димитров.

На конференцијата учествуваат претставници од Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Турција, Црна Гора и Косово, како и Бугарија, која е актуелен претседавач. Поканети се и претставници на академската заедница во Македонија, четириесетина граѓански организации, како и дипломатскиот кор.