АНКАРА (АА) – Министерот за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, потенцираше дека голем број терористи на ПКК доаѓаат во Турција и извршуваат напади: „Сега сакаат Синџар да го направат втор Кандил, но ние користејќи го меѓународното право, отсега почесто ќе се бориме против структурата на ПКК во Ирак и овде нема да дозволиме структури на ПКК. Исто така, со мерките што ќе ги преземаме од нашата страна на границата и од другата страна, ќе го обезбедиме овој реон и ќе ги направиме нашите гранични премини посигурни“, јавува Anadolu Agency (AA).
По официјалната средба на Чавушоглу со неговиот француски колега, Жан-Марк Еро, на заедничката прес-конференција, тој изрази благодарност до Еро и до францускиот народ за поддршката и солидарноста што Турција ги доби по случувањата од 15. јули.
Изјавувајќи го своето задоволство поради оваа средба во Анкара, по претходната од 2014 во Париз, Чавушоглу потенцираше дека на денешната средба ќе се разработи акциониот план за следните три години, за подобрување на односите меѓу двете држави на повеќе теми како што се трговијата, економската соработка, транспортот, земјоделството, образованието, културата и други полиња.
„Франција е држава со која имаме многу добри економски односи. Во нашата надворешна трговија, таа секогаш е на 10., па и на 7. место, но за да стигнеме до целта од 20 милијарди долари, треба малку повеќе да се потрудиме“, нагласи Чавушоглу.
- „Наша желба е да растат инвестициите“ -
Чавушоглу истакна дека соработката меѓу Турција и Франција се одвива во многу сфери и рече дека една од нив е нуклеарната енергија, односно проектот за градење нуклеарна енергетска централа во Синоп. Тој додаде и дека нивна желба е да растат инвестициите од француските фирми.
- „Постои солидарност во борбата против тероризмот“ -
Чавушоглу нагласи дека Турција и Франција се најпогодени држави од тероризмот и поради ова постои солидарност во борбата против тероризмот меѓу овие две држави.
На оваа средба тој го информирал својот колега за борбата на Турција против тероризмот, особено за преземените мерки против ФЕТО.
„Му пренесов дека на последната средба во Ташкент, на Организацијата за исламска соработка и претходно, на средбата на Советот на заливска соработка, ФЕТО беше додадена на листата на терористички организации со едногласна одлука“, изјави Чавушоглу.
- „Нашите ставови во однос на регионот се совпаѓаат“ -
„Особено се совпаѓаат нашите ставови во однос на Сирија, прекинот на огнот во Алепо, политичкото решение, како и ставовите во врска со Асад и Ирак. Сакам да истакнам дека ги вреднуваме иницијативите и напорите на Франција во врска со борбата против ДЕАШ во Сирија. Додека режимот и неговите поддржувачи продолжуваат со бомбардирањето на цивилите со цел да го преземат Алепо, ние сме за прекин на огнот, за хуманитарна помош и за политичко решение“, истакна Чавушоглу.
На новинарско прашање во врска со вонредната состојба во Турција, Чавушоглу рече дека нема разлика од вонредната состојба во Франција, односно дека целта на двете држави е иста, а тоа е против терористичките организации, и додаде оти терористите на ФЕТО се исто третирани, во рамките на правото, како и терористите кои се закана за Франција.
Чавушоглу истакна дека во двете држави правата на граѓаните не се загрозени поради вонредната состојба и дека преземените чекори треба секогаш да бидат во рамките на уставот и правото.
„Затоа што ние сме држава. Државите и јавните институции не се однесуваат како терористите. Важно за овој процес е да биде транспарентен. И двете држави сме членки на Европскиот совет. Редовно го информираме Советот за случувањата. Нашите грижи во врска темата, особено во делот на ограничувањето на правото на изразување коешто беше изгласано во францускиот Сенат, претходно го кажавме во телефонски разговор, а денес го ставивме и на маса“, оцени Чавушоглу.
- „Обезбедуваме повеќестран придонес во операцијата во Мосул“ -
Потсетувајќи на изјавите на премиерот Бинали Јилдирим, во врска со случувањата во Ирак, Чавушоглу рече: „Моментално обезбедуваме повеќестран придонес во операцијата во Мосул. Силите на Пешмерга, кои ги обучивме во Северен Ирак, активно се вклучија во операцијата во Мосул. Истовремено, локалните сили на Нинива, кои ги обучуваме во кампот Башика, активно се вклучени во операцијата против ДЕАШ. Од друга страна, четири Ф-16 млазни авиони се вклучени во воздушните напади на коалицијата. За тоа како ќе се изведуваат овие напади, одлучуваат војниците заедно со вклучените држави во коалицијата. Силите од кампот Башика неутрализираа повеќе од 700 терористи на ДЕАШ до почетокот на операцијата во Мосул. На виделина е и придонесот во Џарабулус. Мислам дека ниту една држава сама не успеала да неутрализира толкав број припадници на ДЕАШ. Од почетокот на операцијата во Мосул, нашите тамошни сили убија 17 терористи со хаубиците ‘бура’, тенковски и воздушни напади. Заедничка цел со Франција и со другите е да ги исчистиме Сирија и Ирак од ДЕАШ. Ирак е наш сосед и братска држава. Територијалниот интегритет, безбедноста и стабилноста на Ирак за нас се важни колку и нашите“.
Во врска со помошта од страна на Турција за сириските и ирачките бегалци, Чавушоглу рече дека досега во Турција дошле околу 300 илјади бегалци, а на северот од Ирак Турција изгради три кампа во кои се засолнети околу 40 илјади лица, чиишто хуманитарни потреби исто така се задоволени.
„За жал, голем број терористи на ПКК доаѓаат од различни места на Ирак и вршат напади во нашата држава. Сега сакаат Синџар да го направат втор Кандил, но ние користејќи го меѓународното право, отсега почесто ќе се бориме против структурата на ПКК во Ирак и овде нема да дозволиме структури на ПКК. Исто така, со мерките што ќе ги преземаме од нашата страна на границата и од другата страна, ќе го обезбедиме овој реон и ќе ги направиме нашите гранични премини посигурни“, заклучи Чавушоглу.