Selen Temizer
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
АНКАРА (AA) - Делегациите на Турција, Русија и Иран, на состанокот под покровителство на Обединетите нации (ОН) во Женева донесоа одлука за формирање заедничка работна група за преговори за формирање уставотворен комитет кој ќе изработи нацрт на новиот устав на Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименувани дипломатски извори соопштија дека одлуката е донесена на преговорите кои се водени во текот на изминатите два дена.
Работната група ќе ја сочинуваат експерти од три земји, а задачата ќе им биде да помогнат во процесот на формирање уставотворен комитет за Сирија.
Од Министерството за надворешни работи на Република Турција е соопштено дека трите земји гаранти на мировните процеси, кои за Сирија се водат во Астана, ќе ги продолжат преговорите на техничко ниво.
Конгресот на националниот дијалог на Сирија е одржан кон крајот на јануари оваа година во рускиот Сочи, а учесниците договорија формирање на уставотворниот комитет кој ќе го пишува нацртот на новиот устав на Сирија.
Паралелно со тоа, специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура, најави дека в петок ќе разговара, како што рече, со мала група, која ја сочинуваат делегации на Египет, Франција, Германија, Јордан, Саудиска Арабија, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.
Де Мистура на 18 септември ќе се обрати и до Советот за безбедност на ОН и ќе ги образложи деталите на разговорите.
Советот за безбедност на ОН, за завршување на сириската криза претходно ја усвои Резолуцијата 2254 која ги одредува рамките на политичко решавање на кризата врз темелот на четири глави теми, и тоа воспоставување на транзициона влада, изработка на нов устав, организирање избори и борба против тероризмот.