Dilara Küçükerdoğan
22 Август 2018•Ажурирај: 22 Август 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Партијата за правдата и развојот (АК Партија), Омер Челик, во врска со одлуката на грчкото правосудство со која е одобрен азилот на пучистите на ФЕТО, кои по обидот за неуспешен државен удар на 15 јули 2016 година пребегнаа во оваа земја, порача дека грчкото правосудство со оваа одлука застанало на страната на непријателите на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Челик се огласи преку социјалната мрежа Твитер, каде што истакна дека грчкото правосудство потпишало уште една скандалозна одлука.
„Фактот дека правосудните институции во Грција, земја која во минатото многу страдаше од државни удари, потпишуваат скандалозни одлуки со кои ги штитат пучистите, јасно укажува дека правдата е оставена настрана и се користи за други цели“, порача Челик.
Тој потсети дека пучистите на ФЕТО се најопасен непријател на турскиот народ и државата Република Турција.
Тој нагласи, исто така, дека борбата против пучистите треба да се води според принципите на борбата против терористите, и дека двојните стандарди во борбата против тероризмот се поддршка на тероризмот, како што се и одлуките со кои пучистите се штитат поддршка на државните удари.
„Отворено и јасно, грчкото правосудство со овие одлуки застана на страната на непријателите на Турција и на страната на пучистите. Ова е еден срамен став и е многу потежок од поддршката на тероризмот“, порача Челик.
Тој додаде дека Турција ќе ја продолжи одлучната борба против тероризмот, и дека нема да ги заборави оние што им даваат оружје на терористите и ги штитат со судски одлуки.
Најмалку осум пучисти на ФЕТО, во текот на ноќта на обидот за воен удар, од Турција побегнаа во Грција. Поради учеството во обидот за пуч кој се случи на 15 јули 2016 година, зад кој стои терористичката организација ФЕТО, Турција побара нивно испорачување, а тие ја негираат вмешаноста и побараа азил во Грција.