Nazlı Yüzbaşıoğlu
22 Август 2018•Ажурирај: 22 Август 2018
АНКАРА (AA) – Министерството за надворешни работи на Турција ја оцени како скандалозна одлуката на Врховниот суд на Грција, со која му е одобрен азил на пребегнатиот пучист на ФЕТО, Сулејман Озкајнакчи, јавува Anadolu Agency (AA).
Турското министерство реагираше на одлуката на Врховниот суд на Грција кој му одобри азил на Сулејман Озкајнакчи, пребегнатиот пучист на ФЕТО, за кој Турција претходно во повеќе наврати упати барање за испорачување.
„Врховниот суд на Грција, со одбивањето на жалбата која ја упати Владата и одобрувањето на азил за Сулејман Озкајнакчи, еден од пребегнатите пучисти по обидот за пуч на 15 јули, стави потпис на скандалозната одлука“, наведено е во соопштението на турското МНР.
Нагласено е, исто така, дека оваа одлука е во спротивност со меѓународните обврски кои Грција ги има кога станува збор за борбата против тероризмот и претставува кршење на одредбите на Конвенцијата за правната положба на бегалците од 1951 година.
„Грција порано во повеќе наврати одби да ги испорача пучистите предавници на Турција, и на тој начин подготви подлога за вакви одлуки кои се навреда за турскиот народ. Грчките институции треба да престанат да бидат сигурно пристаниште за пучистите и да престанат да се кријат зад правосудните механизми во кои има недостаток на разбирање на законот, присутен до мерка на кршење на меѓународните обврски“, се порачува од турското Министерство.
Најмалку осум пучисти на ФЕТО, во текот на ноќта на обидот за воен удар, од Турција побегнаа во Грција. Поради учеството во обидот за пуч кој се случи на 15 јули 2016 година, зад кој стои терористичката организација ФЕТО, Турција побара нивно испорачување, а тие ја негираат вмешаноста и побараа азил во Грција.