Ayşe Hümeyra Atılgan
27 Септември 2016•Ажурирај: 28 Септември 2016
ИСТАБУЛ (АА) - Турција го повтори апелот за безбедносни зони во северна Сирија, за граничната безбедност, како и за безбедно враќање на Сиријците во својата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Ибрахим Калин во својата статија во весникот „Дејли Сабах“напиша: „Апелот на Турција за безбедносни зони во Сирија е итен и спасоносен како никогаш досега“.
„Пасивноста на меѓународната заедница само ќе го утврди варваризмот на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, ќе ја прошири заканата на ДАЕШ и ќе доведе до загуба на повеќе невини животи“, забележа Калин.
Тој тврди дека безбедносните зони долж турско-сириската граница ќе ги заштитат цивилите од неселективното убивање од страна на режимот на Асад и ДАЕШ, кои ги опиша како „чудовишни близнаци на сириската војна“.
Покрај придобивките од таквата безбедносна зона, Калин изјави дека безбедносните зони исто така ќе го намалат бројот на бегалците и ќе обезбедат засолништа за внатрешно раселените лица, а исто така ќе им овозможат на ОН и на другите институции да ја координираат својата работа за хуманитарна помош.
„Исто така, со воспоставувањето на безбедносните зони, Сиријците ќе добијат чувство на надеж дека не се сами и дека меѓународната заедница е тука за да ги заштити“, вели тој.
Турција бара да бидат изградени инфраструктура и живеалишта во предложените безбедносни зони, за Сиријците да немаат потреба да ја напуштат својата земја за да избегаат од војната.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган изјави дека светските лидери, вклучувајќи го и претседателот на САД, Барак Обама, германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Франсоа Оланд и рускиот претседател Владимир Путин, претходно се договориле да не се воспостават безбедносни зони во северна Сирија.
„Ова не е невозможна цел за достигнување. Таканаречените компликации во воспоставувањето и одржувањето на безбедносните зони во Сирија повеќе се чинат како изговори отколку како вистински проблеми“, напиша Калин во својата статија.
Тој се осврна на тврдењата на меѓународните медиуми дека безбедносните зони носат многу ризици.
Калин говори дека борбата против ДАЕШ, до степенот што го достигнала, не била ништо помалку воено ризична.
Тој напомена дека Алепо, од почетокот на сирискиот конфликт во 2011 година, бил сведок на еден од најстрашните воздушни напади:
„Целта на режимот на Башар ал-Асад е да го десеткува целиот град и неговите жители за да уништи едно од средиштата на опозициските сили“.
Најмалку 85 лица загинаа и 178 беа повредени во сириските и руските воздушни напади што се случија на 25 септември, над населените области заземени од страна на опозицијата во Алепо.
„Ова е режим којшто го докажа својот капацитет за свирепост и геноцидно убивање повторно и повторно”, напиша Калин.
„Криминалната банда во Алепо не ја интересира мир или политичка транзиција. Тие не можат дури ни да ја толерираат хуманитарната помош што се доставува за цивилите. Глупост е да се очекува милост од чудовиште“, напиша тој.
Калин напиша дека најдобар начин да се заштитат цивилите во Сирија е да се воспостават безбедносни зони.
„Воспоставувањето на безбедносните зони во Сирија има повеќе и политичка и морална смисла, отколку молењето на режимот на Асад за примирје и мир“, забележа тој.
„Меѓународната заедница има средства за реализирање на оваа цел. Сепак, ѝ недостасува политичка волја и морална визија, кои исчезнаа од глобалната политика на жален и скандалозен начин“.
„Придобивките од воспоставувањето на безбедносните зони ќе бидат големи“, повтори Калин.
„Воспоставувањето на безбедносните зони ќе ги заштити цивилите, ќе го натера режимот на Асад на приговарање, ќе го намали бројот на бегалците, ќе ги поттикне умерените сириски опозициски групи против режимот и ДАЕШ во заштитените области, и ќе доведе до некој степен на балансирање на сирискиот конфликт“, додаде тој.