Hatice Şenses Kurukız
05 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција нема потреба да ги копира странските уредби за заштита на правата и слободите на жените бидејќи во цивилизациското и културното наследство на земјата постојат сите филозофски и прагматични примери, правата и слободите на жените да се развиваат во посакуваната насока, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Истанбул денес е одржан собирот „Средба на жените и демократијата” на кој за важноста од почитување на правата и слободите на жените говореше и турскиот претседател, како и за важноста од поддршката на престојниот референдум за уставни промени кој во Турција ќе биде одржан на 16 април.
Собирот во Истанбул е организиран под мотото „Демократија има, ако има и жени”, а Ердоган во своето обраќање го поддржа тоа мото и додаде дека демократијата без учество на жените и на младите не е само со недостаток туку е и апсолутно неизводлива.
„Доколку би барале со една реченица да ви ја кажам тајната на успехот на мојата приказна во политиката би рекол дека клучот е тоа што успеав жените да ги воведам во демократските процеси во политиката. Би рекол дека тоа е клуч и дека заедно со жените во политиката активно ги вклучив и младите”, изјави Ердоган.
Истакнувајќи дека често учествува на слични собири на кои се зборува за правата и слободите на жените, Ердоган истакна дека поголемиот дел од проблемите во светот просто би исчезнале доколку жените се гледаат како луѓе и ако се прифатат како такви.
„Ако ги погледнете денес земјите кои се најгласни во реториката за заштита на правата и слободите на жените во светот, ќе видите дека тие земји воглавно имале срамни и темни дамки во својата историја кога станува збор за односот кон жените. Тие општества не ги признавале жените како луѓе и на скалилото на живиот свет жените ги гледале пониско од животните. Истите тие општества денес се обидуваат да бидат гласници на борбата за правата и слободите на жените, а тоа најверојатно го прават за да ги исчистат гревовите од своето минато”, изјави Ердоган.
Истакнувајќи дека оние кои до вчера не ја сметале жената за човек, денес се обидуваат да ја стават на ново место, Ердоган нагласи дека оние кои до вчера со жените тргувале како бело робје, денес спроведуваат модерно ропство над телата и врз работата на жените.
Турскиот претседател Ердоган изјави дека не постои сомнеж оти насилството врз жените претставува злосторство против човештвото.