Fatih Türkyılmaz
30 Јануари 2020•Ажурирај: 02 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) од Северна Македонија, номиниран за „Оскар“ во категориите „Најдобар документарен филм“ и „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“ ќе биде претставен пред љубителите на кинематографијата во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Оваа недела во кината во Турција ќе се емитуваат шест нови филмови, од кои два се од домашна продукција: „Љубовта ги сака случајностите 2“ (Aşk Tesadüfleri Sever 2) и „Војна на јатрвите“ (Eltilerin Savaşı). Странските филмови кои ќе се прикажуваат во киносалите во Турција се: „Земја на розите: Дамасцена“, „Клетници“ и „Зајакот Јојо“.
- „Медена земја" - кандидат за „Оскар"
Документарниот филм „Медена земја" во режија на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, ја раскажува приказната за Атиџе, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во село што се наоѓа во централниот дел на Република Северна Македонија.
Главните ликови во филмот се Атиџе Муратова, Назифе Муратова и Хусеин Сам.
„Медена земја“ успеа да добие две номинации за претстојното доделување на „Оскар“ – за најдобар документарен филм и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за „Оскар“.
Церемонијата на 92. доделување на највисоката филмска награда „Оскар“ ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес.
Исто така, снимателите на „Медена земја“, Самир Љума и Фејми Даут, на 26 јануари ја добија наградата за најдобра кинематографија од Американското здружение на кинематографери (ASC) во Лос Анџелес.
Инаку, документарецот „Медена земја“ во февруари минатата година беше во официјална конкуренција на престижниот американски Фестивал за независни филмови „Санденс“, при што ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција со документарци на светско ниво. На снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Исто така, документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
Документарецот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, а поддржан е и од Агенцијата за филм.