Selçuk Kızıldağ
14 Јули 2020•Ажурирај: 15 Јули 2020
ЕСКИШЕХИР (АА) - СЕЛЧУК КИЗИЛДАГ –
Песочниот уметник Омер Фарук Елмас, кој има стотици изведби во Турција и голем број европски земји, на 4-годишнината од обидот за пуч на терористичката организација ФЕТО на 15 јули, со својата уметност го опиша тоа што се случуваше таа ноќ, пишува Агенција Анадолија (АА).
Елмас, кој се бави со оваа уметност околу 10 години, со изведбата која трае трае 2 минути и 45 секунди, заедно со музичките и звучните ефекти, го опиша херојството на народот кој го спречи пучот лежејќи пред тенковите.
Во својата презентација, Елмас со песочните зрна ја испрати и пораката на претседателот Реџеп Таип Ердоган во која тој вели: „Суверенитетот е кај народот“.
Омер Фарук Елмас за АА изјави дека по повикот на претседателот Ердоган, тој заедно со граѓаните излегол на улиците на Истанбул.
Наведувајќи дека не верувал во тоа што го слушал на телевизиите, Елмас нагласи: „Тие што беа за демократија не се однесуваа демократски. Нема ништо понедолично од тоа избраниот лидер да се симне од власт со оваа метода. Кога видовме дека претседателот излезе на телевизија и дека е здрав, ни олесна на целото семејство. Потоа, заедно со семејството излеговме на улица.“
Тој истакна дека благодарение на тие што ги изгубија своите животи и беа ранети таа вечер, денес Турција влезе во една нова ера.
Елмас рече дека четири години по предавничкиот обид за пуч, Турција е сплотена.
„Господ да не им даде можност на предавниците. Господ да ги благослови загинатите кои ја осветлија таа мрачна ноќ. Сè уште пред очи ми е кога претседателот Реџеп Таип Ердоган таа ноќ в чело бакна еден ранет млад човек. На 15 јули оваа земја освои уште една победа. Победникот на 15 јули е Реџеп Таип Ердоган. Овие прашања немаат никаква врска со политиката. Наша обврска како граѓани е да го заштитиме и поддржуваме претседателот на нашата земја, без разлика на тоа кој е избран.“
Наведувајќи дека со години се занимава со уметност, Елмас вели дека голем број теми ги опишал со песочните зрна.
„Првпат ми беше толку тешко. Плачев додека работев, рацете ми се тресеа. Никогаш нема да ја заборавиме таа мрачна ноќ, и никогаш нема да дозволиме да се заборави“, нагласи уметникот Омер Фарук Елмас.