Orhan Pehlül
06 Јули 2022•Ажурирај: 07 Јули 2022
АДИЈАМАН (АА) - Тврдината на планината Немрут во Туркије (Турција) која носи траги од три значајни цивилизации, беше затворена за посетители во 2005 година од безбедносни причини. Реставраторските активности на тврдината кои во 2015 година започнаа во три одделни фази, завршени се заклучно со оваа година, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во тврдината која ги пречекува туристите со остатоци од чаршијата, џамијата, занданата и каналите за вода, сега е изградена и стаклена тераса. Посетителите ќе имаат можност од терасата да ја гледаат реката Кахта и нејзината околина.
Махмут Чухадар, гувернерот на Адијаман, за АА изјави дека овој месец ќе ја отворат обновената тврдина.
Потенцирајќи дека тврдината била домаќин на многу цивилизации, Чухадар рече:
„Во рамките на проектот за ревитализација на туризмот во Адијаман, како нова инвестиција во секторот на туризмот во градот, во служба на нашите граѓани влезе и тврдината Кахта. Многу сме среќни и му посакуваме среќа на туризмот на Адијаман. Тврдината била домаќин на многу цивилизации. Од овој месец ја преземаме тврдината и ја ставаме во употреба. Им се заблагодарувам на сите што придонесоа во реализирањето на проектот.“
Онур Јилдиз, шеф на областа Комагена на планината Немрут, рече дека тврдината за првпат била користена од страна на кралството Комагена.
Раскажувајќи дека тврдината Кахта била домаќин на многу цивилизации, Јилдиз продолжи со зборовите:
„Тврдината ја сочинуваат различни елементи меѓу кои се чаршијата, палатата, резервоарот за вода и полициската станица. Со изградбата на стаклената тераса се обидовме да го направиме поочигледен нејзиниот однос со реката Кахта. Посетителите кои ќе се качат на терасата ќе можат да го видат аквадуктот што се користел за време на опсадите на тврдината.“
Потсетувајќи дека тврдината била затворена во 2005 година од безбедносни причини, Јилдиз рече:
„Активностите за реставрација на тврдината беа спроведени во три фази. Уредувањето на околината и изградбата на стаклената тераса се направени во рамките на проектот „Ревитализација на секторот туризам во Адијаман“, што го спроведува нашето гувернерство. Проектот беше поддржан од Програмата за конкурентни сектори на Министерството за индустрија на Туркије, во рамките на тековната соработка меѓу Европската Унија и нашата земја.“
Изет Авџи, претставник на локалните власти на селото Коџахисар, изјави дека со голема возбуда го чека отворањето на тврдината и ги покани домашните и странските туристи да го посетат ова единствено историско место.