Husamedin Gina
25 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
СКОПЈЕ (АА) – Tеатарската претстава „Уста“ во која се раскажува за животот на султанот Абдулхамид Хан II, во организација на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Северна Македонија и Сојузот на турските невладини организации (МАТУСИТЕБ) ќе се одигра утре во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод претставата, турскиот актер Ридван Даглар, кој ја игра улогата на султанот Абдулхамид Хан II, координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајдин, и Зулфу Демирташ, театарски актер во уметничкиот центар „Јенилмез“, денеска одржаа заедничка прес-конференција.
Актерот Ридван Даглар, заблагодарувајќи се на ТИКА за тоа што овозможила оваа претстава да се одигра во балканските земји, рече дека големо е задоволството тука да се сретнат со љубителите на театарската уметност.
„Се надевам утревечер љубителите на театарската уметност ќе ги однесеме во времето на султан Абдулхамид Хан. Ќе ви дадеме информации за животот на султанот, за драмите кои ги преживеал во тоа време и за неговата склоност кон уметноста“, нагласи актерот Ридван Даглар.
Истакнувајќи дека во театарската претстава ќе се дадат информации за неговите услуги и дела на балканските простори, координаторот на ТИКА во Скопје, Ајтекин Ајдин, рече дека султанот Абдулхамид Хан, покрај тоа што бил добар султан, исто така бил и голем уметник.
„Султанот Абдулхамид Хан бил голем султан којшто многу добро можел да го протолкува периодот во којшто живеел, добро го разбирал Западот, а исто така добро го протолкувал и светот. Тој, покрај тоа што бил гениј за политика, морам да истакнам дека бил и уметник, тоа ќе го видиме и во претставата. Како што кажа историчарот Илбер Ортајли, султанот Абдулхамид Хан да не беше султан би бил уметник од светска класа, а исто така и бренд“, нагласи Ајтекин Ајдин, координаторот на ТИКА во Скопје.
Зулфу Демирташ, театарски актер во уметничкиот центар „Јенилмез“ и музички уметник во Истанбулскиот музички хор при Министерството за култура на Република Турција, нагласи дека минатата година постигнале светски рекорд во играње на претставата.
„Ние во 2018 година помеѓу 11 јануари и 11 мај, претставата ја одигравме во 81 општина во 100 места во Турција, и на тој начин постигнавме светски рекорд“, рече Демирташ, истакнувајќи дека за време на претставите се сретнале со луѓе кои погрешно се информирани или пак, многу малку знаат за султанот Абдулхамид Хан.
Театарската претстава „Уста“, чиј сценарист и режисер е познатиот турски актер Ахмет Јенилмез, ќе се одигра утре, на 26.06.2019 година, во Скопје, во Домот на Армијата, со почеток во 19:30 часот.