ИСТАНБУЛ (АА) - ЗЕХРА МЕЛЕК ЧАТ -
Мухамед Башдаг, калиграф од Истанбул, уште од мали нозе покажувал интерес за уметноста на убаво пишување. Колку е голема неговата љубов кон калиграфијата, освен блиските пријатели, забележаа и претставниците на американскиот кошаркарски НБА-клуб „Чикаго булс“, пишува Anadolu Agency (AA).
Освен кон калиграфијата, Башдаг негува и голема љубов кон музиката. Бидејќи сакаше своите љубови да ги спои во една целина, овој талентиран уметник на социјалните мрежи започна да споделува видеоснимки од своите калиграфски дела придружени со негова авторска музика.
Неговите дела на социјалната мрежа Инстаграм ги забележаа и претставниците на НБА-екипата „Чикаго булс“, и го замолија да направи видеоснимка од една минута, односно калиграфски да го испише името на клубот. Башдаг го стори тоа, а потоа го објави на официјалниот профил на НБА-екипата на Инстаграм.
- Љубов наследена од неговиот татко -
Башдаг ја наследил љубовта кон калиграфијата од неговиот татко, кој со оваа уметност се занимавал од хоби. Башдаг со калиграфија се занимава веќе 30 години, а заедно со браќата води мала уметничка галерија во квартот Чемберлиташ, во срцето на Истанбул, каде што ги изложува и продава своите уметнички дела.
Во разговор со новинарот на АА, Башдаг истакнува дека уште како ученик во основно училиште учествувал на натпревар за општо знаење, на кој бил награден со прибор за калиграфија.
„Тоа беше првиот контакт и некако го засакав тоа. Во сето тоа имав голема поддршка од татко ми, кој аматерски се занимаваше со калиграфија. Моите браќа и јас денес се занимаваме со калиграфија, сите го наследивме тоа од нашиот татко“, вели Башдаг.
На прашањето што претставува за него калиграфијата, тој изјави:
„Калиграфијата за мене е уметност која ми дава можност на најдобар начин да го искажам она што го чувствувам во својот внатрешен свет. Претежно пишувам со турска азбука, а освен тоа се занимавам и со модерна калиграфија“, изјави Башдаг.
Тој додаде дека неговата шестгодишна ќерка исто така покажува интерес кон калиграфијата, така што семејната традиција ќе биде продолжена.
- ВИП-ложа, „Игра на тронови “„Game of Thrones“, НАСА -
Башдаг потоа зборуваше и за тоа како дошол до контакт со претставниците на НБА-екипата „Чикаго булс“, односно делото што го направил специјално за овој клуб.
„Нешто повеќе од една година, колку што и ги објавувам своите видеоснимки на Инстаграм, стекнав голем број следбеници. Многу луѓе на овој начин забележаа со што се занимавам. Така стапија и во контакт од „Чикаго булс“, а пристигнаа неколку мејлови. Со оглед дека дневно знам да добијам неколку стотици мејлови, различни прашања или нарачки, некако е тешко сето да се прочита. Кога го прочитав мејлот на Чикаго булс, помислив дека станува збор за некој навивач на овој клуб“, вели Башдаг, и продолжува:
„Сепак, тоа не беше навивач, стануваше збор за човек кој всушност бил менаџер на Чикаго булс. Ме замоли калиграфски да го напишам името на клубот, да снимам видео и да го монтирам заедно со музика. Тој рече дека сакаат да го објават на официјалниот профил на Инстаграм. Така и беше. Видеото наиде на навистина голем интерес“.
Башдаг додаде дека сето тоа многу му значи. Според неговите зборови, претставниците на Чикаго булс го повикале во САД и му рекле дека натпреварите на клубот може да ги гледа од ВИП-ложата кога и да посака.
„По оваа видеоснимка, на Инстаграм започнаа да ме следат речиси сите кошаркари на Чикаго булс. Со некои од нив често разговарам. Започнав малку поинтензивно да ја следам и НБА-лигата. Освен тоа, моите калиграфски трудови ги следи актерката Софи Тарнер, од популарната серија „Игра на тронови“ 'Game of Thrones'. Разговарав со авторот на музиката на филмот „Титаник“ 'Titanic', заинтересиран е за мојата музика и калиграфски текстови. Неодамна во Истанбул нè посетија претставниците на НАСА“, раскажа истанбулскииот калиграф Мухамед Башдаг.
news_share_descriptionsubscription_contact
