Dejan Maksimoviç
16 Август 2019•Ажурирај: 17 Август 2019
САРАЕВО (AA) – „Сараево филм фестивал“ (СФФ) вечерва ќе биде свечено отворен со церемонија во Народниот театар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како и во претходните години, организаторите најавија голем број угледни гости од светот на филмот, и секако, огромен број филмски проекции, рекордни 270, во повеќе натпреварувачки програми.
По свечената церемонија на отворање, на која домаќин ќе биде младиот босанско-херцеговски актер Игор Скварица, ќе биде одржана светската премиера на филмот „Син“, на режисерката Инес Тановиќ. Улогите во филмот ги остварија: Дино Бајровиќ, Снежана Богдановиќ, Уликс Фехмиу, Емир Хаџихафизбеговиќ, Јасна Орнела Бери, Лидија Кордиќ, Хамза Ајдиновиќ...
За почетокот на јубилејниот 25. Сараево филм фестивал сè е подготвено. Во летното кино „Металец“, каде што ќе се прикажуваат филмовите од програмата „Open Air“, поставени се околу 3.000 столчиња. И пред Народниот театар поставен е нов црвен килим, кој оваа година ќе биде украсен со мотивите од босанските килими.
„Црвениот тепих, поставен во чест на јубилејот, на филмските автори, уметници и публиката, е инспириран од килим од Сараево од 1930 година, кој се наоѓа во збирката на Земјениот музеј на БиХ, и е спој на традицијата и современото“, рекоа од СФФ.
Пред вечерашниот почеток на СФФ, публиката и фестивалските гости ги очекува целодневна програма, со утринска проекција на филмот „Син“, кој во Натпреварувачката програма ќе го отвори овогодинешното издание на „Сараево филм фестивал“. Потоа ќе следува разговор со екипата на филмот, предводена од режисерката Тановиќ, а модератор ќе биде босанско-херцеговскиот и американски наградуван актер и сценарист Александар Хемон.
Во пресрет на свеченото отворање на фестивалот, публиката и бројните гости на Сараево ги очекува уличната парада „Уметност во движење“, со околу 200 уметници. По традиционалната пијачка за добре дојде на Фестивалскиот плоштад, вечерва во 19:30 часот ќе следува церемонијата „Црвен килим“, а потоа и свеченото отворање на СФФ.
Оваа година, со оглед дека е во прашање јубилејното 25. издание на фестивалот, збогатена е филмската програма. Вкупно ќе бидат прикажани рекордни 270 филмови во 18 програми од 56 земји. Дури 68 филмови ќе забележат светска, а 12 меѓународна премиера. Во конкуренција за наградата „Срцето на Сараево“ се 53 филмови.
„Сараево филм фестивал“ ќе трае од 16 до 23 август, а оваа година ќе биде одржан под покровителство на УНЕСКО.