Merve Berker
17 Ноември 2023•Ажурирај: 20 Ноември 2023
АНКАРА (АА) – Отворено е аплицирањето за 10. година од Istanbul Photo Awards, каде што се натпреваруваат фотографии што ја дефинираат светската агенда, јавува Анадолу.
Меѓународниот натпревар за новинска фотографија, кој го организира Анадолу по десетти пат, има цел да ја поддржи медиумската фотографија.
Секоја година околу 20.000 фотографии се праќаат на Istanbul Photo Awards, кои е признаен како еден од најдобрите натпревари за фотографија во светот.
Нема услов апликантите да бидат поврзани со новинарска организација за да се пријават на конкурсот, кој е отворен само за учество на професионални фотографи.
Фотографите може да учествуваат на натпреварот со фотографии вредни за вести направени помеѓу 1 јануари и 31 декември 2023 година.
Се прифаќаат апликации за 10 категории: единечни вести, вести-приказна, единечни спортови, спортови-приказни, единечна фотографија за природа и животна средина, приказна-природа и животна средина, единечна фотографија за секојдневниот живот, фотографија-приказна за секојдневниот живот, заедно со единечен портрет и портрет-приказна.
Натпреварувачите имаат право да аплицираат во сите категории, а може да пријават објавени и необјавени фотографии.
Од веб-страницата може да се добијат поопширни информации за аплицирањето на натпреварот.
Наградата за Фотографија на годината ќе ѝ биде доделена на фотографијата што е на прво место во категоријата поединечна фотографија за вест, а фоторепортерот ќе добие награда од 6.000 долари.
Првопласираните во секоја категорија ќе бидат наградени со 3.000 долари, второпласираните со 1.500 долари, а третопласираните со 1.000 долари.
Две одделни награди во вредност од 1.000 долари ќе бидат доделени за фотографии за дискриминација меѓу апликациите во сите сериски категории, како и за делата на млади фотографи до 28 години, по повод десетгодишнината на натпреварот.
Жирито на натпреварот, кое го сочинуваат познати личности од светот на фотографијата, во април ќе ги награди најдобрите фотографии.
Членовите на жирито ќе ги оценат пратените фотографии од различни гледни точки, како техничкото владеење, перспективата, движењето и емоциите.
Апликациите може да се доставуваат на istanbulphotoawards.com до 17 јануари.
Понатаму, информациите за фотографиите, изложбите, фотоалбумите и членовите на жирито што добиле награди во изминатите години може да се добијат и на веб-страницата на натпреварот.