ВЕЛЕС (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ
Светозар Богданоски од Велес е самоук изработувач на виолини кој пред повеќе од три децении, од родителски побуди започнал да изработува виолини, не сонувајќи дека тоа денеска ќе биде негова животна определба, а неговото име глобално препознатливо во светот на виолинарството.
Во разговор за Anadolu Agency (AA) Богданоски ја сподели својата животна приказна, раскажувајќи дека всушност, по вокација е сликар, а дека виолини почнал да изработува со цел да ги задоволи потребите на неговиот син, Костадин Богданоски, виолинист, кој во раниот период од својот живот покажал многу голем интерес и високи резултати на меѓународен план. На 12-годишна возраст станал лауреат на светско ниво, а веќе 14 години наназад е прва виолина на Симфонискиот оркестар во Барселона.
Освен Костадин, во семејството на Богданоски, виолина свири и Фросина, ќерката на Светозар, која до неодамна била член на Симфонискиот оркестар во Австрија. Како што раскажува Светозар, купување виолина во периодот кога тоа им било потребно на неговите деца, за него, како родител, било невозможно, бидејќи добрите виолини имаат високи цени, а неговиот животен стандард не го дозволувал тоа.

„Идејата беше да направам нешто сам. Да направам нешто сам, а да ги надминува квалитетите на тогашните инструменти кои ни беа на располагање, во секој случај беше нереално, лудо, ама јас обично се зафаќам со вакви работи и веќе на првите виолини тој (Костадин) свиреше, и оттогаш до денеска свири само на моите виолини, всушност, како тој, така и мојата ќерка”, вели Богданоски.
Сакал да направи неколку виолини, да дојде до одредено ниво, за неговиот син да може да биде обезбеден со потребните виолини, но како што поминувало времето, ја запознал виолината како инструмент, го запознал звукот, што за него претставувало доволен предизвик и уметнички порив.
Токму тој порив и природата на звукот, како нешто што ниту се гледа, ниту се допира, туку како чувство со кое почнал да живее, е она што сакал да го обликува низ воздух и дрво, раскажува Богданоски.
Се присетува дека во почетокот сѐ се одвивало интимно во неговата мала импровизирана работилница во Велес, изворите биле оскудни, до пред десетина години, кога решил целосно да му се посвети на виолинарството.
Овој самоук изработувач на виолини вели дека бидејќи ниту самиот не знаел до каде стасал со оваа работа, со текот на времето, решил дека сака да се обиде на некои натпревари на светско ниво. На еден од нив, во Соединетите Американски Држави, во два наврати добил медал за звук (VSA prize winner).
Токму тоа, наведува Богданоски, го охрабрило да продолжи со уште посилно темпо, што резултирало со подобри резултати, а како што вели, денеска, според квалификациите на луѓе кои се мериторни во обаа област, звукот на неговите виолини е рамен на оние врвните, дури и подобар.
„Нашите виолини се вбројуваат во неколкуте најдобри творби на мајсторите на ова време. Целта никогаш не ми била да бидам најдобар. Сѐ уште во мене имам енергија која не ми дозволува да застанам, а тоа е мотивот дека не сум го достигнал најдоброто што го чувствувам во себе. Сега имам една желба околу она што го чувствувам како потреба да го направам и да го надминам она што досега го имам направено. До каде ќе оди тоа, останува на времето“, истакнува Богданоски.
Во однос на признанијата и наградите, најголема лична сатисфакција во последниот период му била кога неговата виолина била избрана да биде откупена на музичка академија во Италија, каде што учествуваат најдобрите изработувачи на виолини во светот.
Како што објаснува Богданоски, бил поканет од универзитетски професор од Новара, во близина на Милано, да учествува на конкурсот за откуп на виоли. За него било неочекувано, но и посебно задоволство, кога му се јавиле и му честитале, имајќи предвид, како што вели тој, дека во Италија се најдобрите школи за виолини, а дека во Кремона има илјадници регистрирани мајстори на овој инструмент.
Говорејќи за љубовта кон својата професија, Богданоски вели дека тонот е задоволството кое го исполнува од она што го направил.
„Чувството дека моите виолини во рацете на многу интерпретатори допира до маса слушатели и остава силен впечаток, не може да ме остави рамнодушен. Сметам дека е вредно човек да се потроши себеси во една ваква област, затоа што тоа нема да биде само сега, за ова време, тоа ќе остави траги и во подалечната иднина, зашто ние, на некој начин продолжуваме да живееме низ тоа што сме го направиле. На крајот, тоа не е толку битно, ние создаваме убави нешта, убави чувства“, нагласува тој.
- Процесот на изработка на виолини
Богданоски виолините ги изработува тимски во својата сопствена куќа во Велес. Работи заедно со сопругата Марија, професорка по виолина и со неговата асистентка Татјана Мишева. За да се изработи добра виолина, истакнува Богданоски, покрај сите знаења и искуството, најмногу е потребна енергија и љубовта да се направи звукот, а не инструментот, додека останатото е само техничка фаза која треба да се помине.
Процесот на правење виолини, вели дека започнува со изборот на дрвото, но дека најпрвин е потребна идејата. За секоја виолина, открива Богданоски, има одредена претстава каков звук треба да произведува, па според тоа го бира и дрвото.
Дрвото од кое се прават гудачките инструменти обично расте во планинските региони, а овој изработувач на виолини, тврди дека во регионот на Босна и Херцеговина, и во еден дел на Црна Гора, има најдобро дрво за виолинарството.
- „Добриот тон далеку се слуша"
По сите фази на изработка, следува фазата на монтирање, а на крајот, самиот тон од виолината, покажува дали нарачателите го добиле она што го очекувале. За да се направи една виолина, потребно е еден месец работа, објаснува Богданоски.
За промовирање на неговите изработени виолини вели дека не вложува специјални напори, туку дека тргнува од фактот дека „добриот глас се слуша далеку, а добриот тон уште подалеку“. Неговите инструменти доаѓаат во рацете на виолинисите кои доаѓаат во контакт со нивните колеги, и така со тек на годините инструментите добиле меѓународна репутација, за што сведочи интересот од сите страни на светот, раскажува Богданоски.
Она што за Светозар Богдановски, како самоук изработувач на виолини е исклучително важно, како што самиот истакнува, е што токму тој е единствениот од овие простори кој продрел во светот со градење виолини. Според него, една од најголемите придобивки е тоа што секаде каде што пристигнуваат неговите виолини се врзува името на градот, народот и земјата во која живее.