Besar Ademi
31 Октомври 2017•Ажурирај: 01 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Од 3. до 30. ноември во Скопје ќе се одржи 18. издание на „Есенските музички свечености“, во чии рамки, на вкупно 13 концерти ќе настапат врвни уметници од Македонија, Турција, Србија, Словенија, Словачка, Шведска и од Унгарија, јавува Anadolu Agency (AA).
Фестивалот е организиран од страна на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, со поддршка на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје, а примарната заложба е да се поттикне, унапреди и да се развива музичката култура воопшто.
„Направивме неколку значајни настани коишто оставија длабока трага во културното живеење на главниот град на државата, со тоа би рекол и на културното живеење во Република Македонија воопшто“, истакна Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје.
Со поддршка на центарот „Јунус Емре“, на 16 ноември, на овогодишниот фестивал ќе настапи турската вокалистка Елиф Чаглар, заедно со нејзината џез-група, која ја сочинуваат Чагри Сертел, Волкан Хурсевер и Едиз Хафизоглу.
Директорот на Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје, Шемсетин Шекер, истакна дека овие активности помагаат не само за промовирање на турските вредности во Македонија, туку и за промовирање на македонските вредности во Турција.
„Ние споделуваме заеднички културни вредности, кои несомнено придонесуваат и повеќе во развивањето на овие заеднични културни вредности. Македонија и Турција во повеќе аспекти се слични една на друга. Многу лесно можеме да ги забележиме и да ги видиме овие нешта, од аспект на начинот на облекување, мислење, со еден збор, од аспект на секојдневниот живот“, истакна Шекер.
Овогодишното издание на манифестацијата ќе се отвори во Македонската опера и балет, со двојна програма, каде што ќе настапат уметници од Македонија.