култура и уметност

Месџидите во Ерусалим, културно богатство и инспирација за книга

„Ако некој еден ден го посети овој прекрасен, блажен град Ерусалим, нека се запознае со портите, улиците, медресите, фонтаните и месџидите. Затоа го подготвив ова дело“

Turgut Alp Boyraz  | 05.11.2019 - Обновена : 06.11.2019
Месџидите во Ерусалим, културно богатство и инспирација за книга

ЕРУСАЛИМ (АА) – Мезџидите во Ерусалим беа инспирација за книга чиј автор е Ибрахим Фуркан Оздемир, директорот на Турскиот културен центар, Институтот „Јунус Емре“ во Бејрут, пишува Anadolu Agency (AA).

Оздемир, за време на неговото тригодишно работење во Ерусалим, посетувајќи ги и фотографирајќи ги сите 58 историски месџиди во Ерусалим, на чело со „Месџид-и Акса“, истражуваше за нивната историја и ги претстави во книгата.

„Овие месџиди се сопственост на Ерусалим“, нагласи Оздемир.

Во разговорот со дописникот на АА, Оздемир, осврнувајќи се на книгата „Месџиди: Богатствата на Ерусалим“, рече: „Ако некој еден ден го посети овој прекрасен, блажен град Ерусалим, нека се запознае со портите, улиците, медресите, фонтаните и месџидите. Затоа го подготвив ова дело.“

Потсетувајќи дека општествениот живот во муслиманските заедници во градот е запрен поради окупацијата, авторот рече дека тие што ќе ги посетат историските месџиди и „Месџид-и Акса“ во Ерусалим и ќе разговараат со Палестинците таму ќе придонесат за повторното заживување на градот.

Оздемир, исто така, истакна дека на крајот на книгата има и мапа на која се покажува во кој дел од градот се наоѓаат месџидите.

- Има 15 месџиди од османлиско време -

Оздемир, наведувајќи дека утврдил дека во Ерусалим има 15 месџиди изградени во османлиското време, рече дека скоро сите други месџиди во градот биле реновирани за време на османлискиот период.

Оздемир во својата книга истакнува дека месџидите „Расаси“, „Сувејгат Алун“, „Ебубекир Сидик“ и месџидот „Дергаш“ се изградени за време на османлискиот период.

- Посетата на месџидите претставува прошетка низ исламската историја -

Ибрахим Фуркан Оздемир истакна дека во градот освоен од калифот Омер има месџиди од времето на скоро сите важни исламски држави.

„Посетувајќи ги овие месџиди во Светиот Град еден по еден можно е да патувате низ исламската историја, затоа што тука сите исламски држави имаат свои дела“, нагласи Оздемир, додавајќи дека Ерусалим е еден од ретките градови кои ја нудат таа можност.

- Некои месџиди се затворени поради окупацијата -

Наведувајќи дека од вкупно 58 месџиди во Ерусалим, моментално 20 се затворени за богослужба, Оздемир рече дека некои од нив се целосно урнати и на нивното место се изградени куќи, пекарници или пак, цркви.

Тој посочува дека окупацијата во градот имала негативен ефект врз месџидите. „По израелската окупација на Ерусалим во 1967 година, многу од месџидите биле принудени да затворат за богослужба. Некои од нив подоцна биле повторно отворени. Во тек е иницијативата од Администрацијата на исламските фондации за повторно отворање на некои месџиди кои сè уште се затворени.“

- Во секое маало има месџиди -

Оздемир, истакнувајќи дека Стариот Град, кој е опкружен со ѕидови, денес е поделен на четири населби: муслиманска, христијанска, ерменска и еврејска, рече дека пред израелската окупација во 1967 година немало такво разграничување.

„Затоа денес во сите четири населби на градот може да се сретнат месџиди. Имињата на улиците во Ерусалим се наречени по научници и добри, праведни луѓе кои живееле таму“, нагласи Оздемир.

- „Не дозволувајте месџидите во Ерусалим да бидат осамени“ -

Посочувајќи дека многу месџиди, особено „Месџид-и Акса“, кои се отворени денес, се наоѓаат под притисок и рации од израелската полиција и еврејските доселеници, Оздемир рече дека денес е многу важно месџидите да бидат посетувани, вклучувајќи ги и оние што се затворени.

Тој упати порака до тие што ќе го посетат Ерусалим: „Не дозволувајте месџидите во Ерусалим да бидат осамени.“

Оздемир, исто така, истакна дека тие што ќе шетаат по улиците на Стариот Град опкружен со ѕидови во Ерусалим, само на неколку минути од „Месџид-и Акса“ ќе се сретнат со мали месџиди.

„Повеќето од овие месџиди се изградени за трговците кои за време на молитвите не можеле да ги напуштат своите продавници и да отидат до Акса. Исто така малите месџиди биле изградени и за старите лица. Во различни делови од градот има и месџиди кои се изградени за имамите, аџиите и добрите, праведни луѓе кои живееле таму“, нагласи Оздемир.

- Во Стариот Град има 12 минариња -

Авторот Оздемир рече дека имињата и адресите на сите месџиди кои сè уште постојат или се урнати во Ерусалим се запишани во судските регистри на османлискиот период.

„Во Стариот Град Ерусалим има вкупно 12 минариња. Четири од нив се во комплексот „Масџид ал-Акса“. Другите се во Ханках Салахије, Дергас, Мизенетул Хамра, Кале, Омерул-Кебир, Дијси, Омер бин Хатаб и Завијетул-Мевлевије.“

- Крстоносците ги претворија месџидите во цркви или во штали -

„По освојувањето на градот од страна на калифот Омер, државите под кои се наоѓала „Месџид-и Акса“ се Омејидски, Абасидски, Фатимидски калифат, под Селџуците, крстоносците, Ејубидите, Мемлуците, Османлиите, под Англија, Јордан и Израел“, рече Оздемир, и додаде: „Во време на крстоносците сите месџиди кои се наоѓале во рамките на Харем-и Шериф биле целосно урнати, некои биле претворени во црква, некои во штали.“

Оздемир истакна дека по освојувањето на Ерусалим, Ејубидскиот султан Салахудин Ејуби ги искористил сите свои средства за да го врати „Месџид-и Акса“ во својата поранешна состојба.

„Од времето на Хулафи-и Рашидин до денес, сите исламски држави ја имаа честа да му служат на Ерусалим, на нашата прва кибла, на првиот благословен Месџид ал- Акса. Само кога ќе погледнете во куполата во внатрешноста на Месџид-и Акса ќе можете да го видете калиграфското писмо на сите исламски држави. Окупаторот Израел постепено ги спроведува своите планови за рушење на постојната структура“, нагласи Оздемир.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.