Admir Fazlagic
03 Февруари 2019•Ажурирај: 04 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот документарен филм „Медена земја“ („Honeyland“) во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска ја добри наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција за документарци на светско ниво на американскиот фестивал „Санденс“ („Sundance“), пренесува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата што се одржа во Парк Сити, во сојузната американска држава Јута, филмот „Медена земја“ ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography).
Исто така, документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).
„Медена земја“ беше во официјална конкуренција на престижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет.
Документарниот филм „Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
Продуцентот и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.
Документарецот е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Филмот го очекуваат презентации на бројни светски филмски фестивали. Најавено е дека премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД која учествува на филмскиот фестивал „Санденс“.