култура и уметност

Карпестата уметност во Гобустан - мост меѓу древното и модерното време

„Како што Азербејџан претставува економски, културен и историски мост меѓу Европа и Азија, така Гобустан претставува мост меѓу древното и модерното време“, истакна Абдулајев

Jeyhun Aliyev  | 25.02.2020 - Обновена : 28.02.2020
Карпестата уметност во Гобустан - мост меѓу древното и модерното време Фото: Resul Rehimov/AA

БАКУ/АНКАРА (АА) - ЏЕЈХУН АЛИЈЕВ -

Пејзажите од карпестата уметност во Гобустан, Азербејџан, претставуваат мост што го поврзува древното со модерното време, изјави за Агенција Анадолија (АА) Фикрат Абдулајев, заменик-директорот на Националниот резерват Гобустан.

„Како што Азербејџан претставува економски, културен и историски мост меѓу Европа и Азија, така Гобустан претставува мост меѓу древното и модерното време“, истакна Абдулајев.

Гобустан, ридско-планинско место, дел од југоисточниот огранок на планинскиот венец Голем Кавказ, се наоѓа на 65 километри југозападно од главниот град Баку, на западниот брег на Каспиското Езеро.

Абдулајев рече дека Гобустан, местото каде што се преплетуваат карпести гравури со слики на лов, фауна, флора и начинот на живот во предисториското минато, е прогласен за национално обележје на Азербејџан во 1966 година, со цел да се заштитат и сочуваат древните карпести гравури, реликвии и вулкански остатоци во регионот за идните генерации.

Тој нагласи дека во 2017 година Гобустан е прогласен за светско наследство на УНЕСКО на 31. состанок на Комитетот за светско наследство што се одржа во Крајстчрч, Нов Зеланд.

Центарот за светско наследство на УНЕСКО соопшти дека Гобустан содржи извонредна колекција од над 6.000 карпести гравури, што сведочат за 40.000 години стара карпеста уметност.

„На локалитетот се наоѓаат и остатоци од населени пештери, населби и гробници, што го рефлектира интензивното присуство на човекот во областа за време на влажниот период што следуваше по последната ледена доба, од периодот на горниот палеолит до средниот век“, се вели од УНЕСКО.

УНЕСКО за Гобустан вели дека поседува и „исклучителна универзална вредност и квалитет на големиот број гравури на карпите“.

„Во 2019 година, цртежите на карпите беа вклучени на листата за исламско светско наследство на вонредниот состанок на Исламскиот комитет за светско наследство што се одржа во Рабат, Мароко“, истакна Абдулајев.

Официјалните лица на Националниот резерват велат дека музејот на отворено, кој покрива површина од над 4.500 хектари, е едно од местата каде што настанале првите цртежи, музиката и културата на танцот.

„Во денешно време, можеме да ги најдеме мотивите на карпестата уметност на Гобустан во различни области на уметноста, како во скулптурите и ткаењето килими“, рече Абдулајев.

Тој нагласи дека да се биде полноправен член на Меѓународната асоцијација PRAT-CARP (Европската организација за карпеста уметност) ја олеснува работата за резерватот Гобустан да соработува со значајни музеи од целиот свет.

- Рекорден број туристи -

„Бројот на туристи што го посетуваат резерватот секоја година се зголемува“, рече Абдулајев.

„Резерватот го зголеми рекордот на посетители од 2018 година, со над 130.000 посетители во 2019 година.“

„За време на летото, за кое се смета дека е најпривлечната сезона за туристите, резерватот го посетуваат над 1.000 туристи на ден“, рече тој.

Абдулајев вели дека посетители доаѓаат од сите страни на светот, меѓу кои и од Соединетите Американски Држави (САД), Велика Британија, Русија, Индија и други места.

- Истражувањата во областа продолжуваат -

Нагласувајќи дека првите археолошки истражувања во областа започнале во 1930-тите години, Абдулајев рече дека азербејџанскиот археолог Исак Џафарзаде во 1939-1940 година во Гобустан открил 3.500 карпести слики, цртежи и знаци, како и јами направени од човекот во карпите.

„Од 1965 година, специјална научна експедиција се занимава со истражување на карпестите гравури на Гобустан, каде што се вршат археолошки истражувања на над 20 живеалишта и засолништа, а се истражени над 40 тумби-гробници“, рече Абдулајев.

„Во 2016 година започнаа работите за создавање каталог на дигитална база на податоци за карпестата уметност во областа Џингирдаг-Јазилитапа во Гобустан“, рече тој, додавајќи дека како резултат на тоа, документирани се сите илустрирани камења во оваа област.

„Околу 541 нов цртеж се откриени во областа Џингирдаг-Јазилитапа, каде што претходно се документирани 877 регистрирани цртежи, од кои 440 нови цртежи се откриени на претходно документирани карпи, додека останатите 101 слика се пронајдени на 18 нови камења пронајдени за време на истражувањата во областа.“

Абдулајев рече дека најновиот број документирани елементи на карпестата уметност на локалитетот надминал 7.000.

- Гавалдаш, камено дајре од древните времиња -

Гавалдаш е античкo оригинално камен-дајре откриено во националниот парк, чии звуци потсетуваат на музички инструмент.

Рахима Мехдиева, водич во музејот на отворено во Гобустан, демонстрираше дека со потчукнување на гавалдашот со мали камчиња може да се добијат различни јасни звуци кои потсетуваат на тапан.

Таа објасни дека гавалдашот е обвиен со варовник и претставува рамно парче варовник, а на различни места произведува различни звуци, во зависност од густината на обвивката и составот на варовникот.

Мехдиева вели дека причина за различните звуци е празнината и порозноста на обвивката.

Таа нагласи дека хронолошкиот временски распон на карпестата уметност во Гобустан го опфаќа периодот од крајот на горниот палеолит до средниот век.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.