Bojana Stojanovic
23 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
БЕЛГРАД (AA) - Главниот град на Србија, Белград, го доби првиот Музеј на чоколадо во кој посетителите можат да ги дегустираат слатките експонати, но и да се запознаат со историјата на какаото и чоколадото, пишува Агенција Анадолија (AA).
Четирите простории на Музејот, кој се наоѓа во центарот на Белград, осмислени се на начин што секоја од нив го претставува периодот на развој на чоколадото.
Според тоа, првата просторија е уредена како прашума, бидејќи какаото е откриено во Јужна Америка.
Во неа може да се види како изгледа плодот на какаото од кое подоцна настанува чоколадото.
Во втората соба, сликовито е опишано доаѓањето на какаото во Европа и во неа се наоѓаат експонатите што се користеле за преработка на какаото и за правење на чоколадото во раниот период.
Посебно е интересна собата за историја на чоколадото во Југославија, каде што можат да се видат чајници со ликот на Јосип Броз Тито.
Во четвртата соба именувана како „Fashion Room“ има експонати кои се во облик на женски чевел, чанта, а изложени се и состојките што се потребни да се направат различни видови чоколадо.
На крајот на посетата на Музејот се доаѓа до делот кој е осмислен како продавница, каде што сите посетители можат да купат чоколадо.
Веќе во првите денови од отворањето, Музејот привлече голем број посетители, посебно оние најмладите на кои посебно им се допаѓа чоколадната фонтана.
Музејот има кустос и турите и посетата на Музејот се организирани на начин да може да се дознаат одговорите на сите прашања за чоколадото.