култура и уметност

Во Скопје отворена меѓународната изложба „Мост"

„Настојувавме од нашата држава Северна Македонија да го понудиме она најдобро што го знаеме и во вистинска смисла на зборот „мост" да направиме поврзување на сето она што се случува на Балканот, во Европа и во светот", истакна Хусковиќ

Admir Fazlagic  | 03.03.2020 - Обновена : 04.03.2020
Во Скопје отворена меѓународната изложба „Мост" ( Foto: Admir Fazlagic / Anadolu Agency )

СКОПЈЕ (АА) - Во Културно-Информативниот Центар во Скопје вечерва е отворена седмата Меѓународна изложба „Мост" на која се претставени ликовно-уметничките дела на ликовни уметници од земјите од регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).

За делата на уметниците чија изложба беше отворена во просториите на Културно-информативниот центар говореше Фехим Хусковиќ, професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Тој истакна дека на оваа изложба се претставуваат дела на ликовните уметници од Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина (БиХ), Турција и Грција.

Проф. др. Хусковиќ рече дека меѓународната изложба „Мост" се одржува седум години по ред во Скопје, а оваа година се одржува по повод Денот на независноста на Босна и Херцеговина.

„Настојувавме сите овие седум години од нашата држава Северна Македонија да го понудиме она најдобро што го знаеме и во вистинска смисла на зборот „мост" да направиме поврзување на сето она што се случува на Балканот, во Европа и во светот. Токму на овој начин, преку уметноста да ја претставиме нашата држава таму каде што не слушнале за неа", истакна Хусковиќ.

Џевад Хот од Бошњачкиот национален совет во Северна Македонија во своето орбаќање пред присутните рече дека изложбата „Мост" поврзува неколку држави и народи од регионот.

„Не е случајно што избравме денес да се одржи изложбата. Ова е еден од двата дена (први и втори март) во кои се слави независноста на Босна и Херцеговина. Сакавме во тие рамки независноста на БиХ да ја одбележиме во овој прекрасен амбиент и ние тука во Република Северна Македонија, како што тоа го прават Бошњаците и сите пријатели на Босна и Хецеговина ширум светот. Мултикултурата е заедничка вредност и на Северна Македонија и на Босна и Херцеговина и тоа ги поврзува овие две држави и нивните народи. Врските помеѓу овие две земји се подобруваат а со оваа мултикултурна и мултинационална изложба сакаме да дадеме наш придонес кон тоа поврзување", истакна Хот.

„Ова е приказна на нас уметниците. Ние кои одиме по мостовите на културата за да спојуваме различности и го спојуваме она за што велат дека навидум не може да се спои. Уметниците се првите кои преминувале мостови и оставале траги, но тие оставале трага со бојата", рече во својот говор пред публиката Мирсада Балиќ, ликовен уметник од Босна и Херцеговина, чии дела се претставени во рамките на изложбата „Мост".

Организатор на изложбата е Бошњачкиот национален совет во Северна Македонија и Културно-Информативниот Центар - Скопје, а поддржана е од Министерството за култура на Северна Македонија.

Според организаторите, предвидено е изложбата во текот на целата година да биде претставувана во градовите ширум земјата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.