култура и уметност

Естетски допир на зрната сол од сириски уметник

Хусам Телџибини рече дека истурената сол на трпезата во ресторанот каде што отишол да вечера со пријателите пред две години во Килис му дала поинаква идеја за сликањето

Cebrail Caymaz  | 16.06.2021 - Обновена : 17.06.2021
Естетски допир на зрната сол од сириски уметник Фото: Cebrail Caymaz/AA

КИЛИС (АА) - ЏЕБРАИЛ ЏАЈМАЗ -

Сирискиот уметник Хусам Телџибини, кој живее во Килис, покрај делата што ги изработува со различни типови боја, вниманието го привлекува и со неговите слики што ги изработува со сол.

Хусам Телџибини (33), кој е дојден во Килис пред осум години од сирискиот град Азез, заработува за живот од продажбата на своите слики.

Телџибини со своите сликарски дела изработени во техника на молив, масло, акрилик и акварел, отвори 12 изложби во Истанбул, Газиантеп и Килис заедно со турски и сириски сликари, а во исто време волонтира и како наставник за деца кои се заинтересирани за ликовната уметност.

Хусам Телџибини за Агенција Анадолија (AA) изјави дека се заинтересирал за ликовната уметност на 15-годишна возраст, по што дипломирал на Одделот за внатрешно уредување и декорација на Факултетот за ликовни уметности во Сирија.

Телџибини рече дека истурената сол на трпезата во ресторанот каде што отишол да вечера со пријателите пред две години во Килис му дала поинаква идеја за сликањето.

„Во раката имав парче хартија. Се обидов да направам нешто од истурената сол. Потоа, кога им ја претставив идејата на моите ученици, тие многу се израдуваа. Откако ќе ставите хартии со црна заднина на масата, на неа истураме сол и со мало парче хартија се обидуваме да направиме нешто. Бидејќи заднината е црна, се создава многу убава слика од солта, но за жал, овие дела не се стабилни. Ги фотографираме изработените дела.“

Истакнувајќи дека солта не е алатка како што тоа се четката или моливот, Телџибини продолжи со зборовите: „Солта не мирува, таа постојано е во движење. Малку е тешка за работа затоа што не е фиксна како медиум. Не треба да сме во ветровито опкружување додека сликаме со сол. Кога ќе згрешиме во другите сликарски техники, понекогаш е тешко да се избрише, да се поправи грешката. Кога работиме со сол, доколку направиме грешка, таа полесно се поправа. Во исто време, можеме да направиме многу дела од сол на истата хартија.“

Хусам Телџибини рече дека вложувајќи напори во изработката на делата со сол ја подобрил својата техника и истакна дека интересот за оваа тема е зголемен откако во градот се слушнало за неговата работа.

Посочувајќи дека продолжува да работи на популаризацијата на оваа уметност, Телџибини рече: „Триесет мои ученици ги научив на оваа сликарска техника. Моите студенти започнаа да создаваат убави дела. Оваа уметност почна полека да напредува во Килис.“



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.