Hasan Esen
04 Февруари 2018•Ажурирај: 05 Февруари 2018
МАДРИД (АА) - Најпрестижните национални филмски награди „Гоја“ беа доделени синоќа на церемонијата во Мадрид, а филмовите „Handia“ и „Libreria“ освоија најголем број на награди, јавува Anadolu Agency (AA).
Наградите на шпанската Академија за филмски уметности е шпански пандам на американскиот Оскар, а наградените добиваат бронзена биста на Франциско Гоја.
Синоќа се одржа 32. доделување на наградите „Гоја“, а на црвениот тепих продефилираа познатите имиња од филмската индустрија, меѓу нив и Пенелопе Круз, Хавиер Бардем, Емили Мортимер и Бил Нај.
Церемонијата беше одбележана и со осуда на сексуалните скандали во филмската индустрија, како и нерамноправната положба на жените во секторот.
Почесната награда „Гоја“ беше доделена на познатата шпанска актерка Мариси Паредес (72).
Најмногу, односно вкупно десет награди му беа доделени на филмот „Handia“, кој раскажува за животот на Мигел Хоакин Елеизеги Артега. Сценографијата, музиката, специјалните ефекти и монтажата се некои од наградените сегменти од филмот.
Наградите за најдобар филм на годината и најдобар режисер ги зеде филмот „Libreria“, кој беше создаден по истоимениот роман на Пенелопе Фицџералд. Филмот е потпишан од Изабел Којшет.
Хавиер Гутиерез е добитник на наградата за најдобар актер во машка категорија за филмот „El autor“, додека наградата за најдобра актерка ѝ припадна на Наталија Поза за филмот „No se decir adios“.