култура и уметност

Доделени наградите Греми

- Наградата „Најдобро музичко видео“ ја освои видеоклипот за песната „Brown Skin Girl“ на 9-годишната Блу Ајви Картер, ќерката на Бијонсе и Џеј Зи, снимен со нејзината мајка Бијонсе и Вискид.

Kasım İleri  | 15.03.2021 - Обновена : 15.03.2021
Доделени наградите Греми

ВАШИНГТОН 

На овогодишното 63-то издание на доделувањето на наградите Греми, најпрестижната награда во светот на музиката, во категоријата „Најдобар нов изведувач“ наградата ѝ е доделена на американската раперка, пејачка и текстописец Меган Ти Сталион, а со тоа во исто време стана и првата жена музичарка што ја освоила наградата за „Најдобра рап-песна“, јавува Агенција Анадолија (АА).

На доделувањето на наградите Греми, пејачката Бијонсе беше номинирана во 9 категории, додека Тејлор Свифт, Роди Рич и Дуа Липа беа номинирани во 6 категории.


- Песна, албум и снимка на годината

Песната „I Can't Breath“, напишана од Х.Е.Р, во изведба на Тијара Томас, ја освои наградата „Песна на годината“ на церемонијата што ја водеше комичарот Тревор Ноа, а што се одржа во Лос Анџелес.

Останати кандидати во оваа категорија беа „Black Parade“ (Бијонсе), „The Box“ (Роди Рич), „Cardigan“ (Тејлор Свифт), „Circles“ (Пост Малон), „Don't Start Now“ (Дуа Липа), „Everything I Want“ (Били Ајлиш), „If the World Was Ending“ (ЏП Сакс и Џулија Мајклс).

Во категоријата „Албум на годината“ наградата ја доби Тејлор Свифт за „Folklore“.

Албумот „Folklore“ на Свифт во оваа категорија се натпреваруваше со „Black Pumas“ (Блек пумас), „Everyday Life“ (Колдплеј), „Djesse vol. 3“ (Џејкоб Колиер), „Women in Music Pt. III“ (Хаим), „Future Nostalgia“ (Дуа Липа) и „Hollywood's Bleeding“ (Пост Малон).

Свифт, која оваа награда ја освои по третпат, претходно ја има освоено наградата за „Албум на годината“ со албумот „Fearless“ во 2010 година и со албумот „1989“ во 2015 година.

Од друга страна, во категоријата „Снимка на годината“ во која кандидати беа „Black Parade“ (Бијонсе), „Colors“ (Блек пумас), „Rockstar“ (ДаБејби со Роди Рич), „Say So“ (Дожа Кет), „Everything I Wanted“ (Били Ајлиш), „Don't Start Now“ (Дуа Липа), „Circles“ (Пост Малон), „Savage“ (ремикс), (Меган Ти Сталион со Бијонсе), наградата замина во рацете на Били Ајлиш за песната „Everything I Wanted“.


- Оние што се издвоија меѓу „најдобрите“

Во категоријата „Најдобра соло изведба“, наградата Греми ја освои Хари Стајлс со песната „Watermelon Sugar“.

Останати кандидати во оваа категорија беа „Yummy“ (Џастин Бибер), „Say So“ (Дожа Кет), „Everything I Wanted“ (Били Ајлиш), „Don't Start Now“ (Дуа Липа) и „Cardigan“ (Тејлор Свифт).

Песната „Rain on Me“ во изведба на Лејди Гага и Аријана Гранде ја освои наградата за „Најдобра изведба на поп-група“.

Во оваа категорија со свои песни кандидати беа „Un Dia“ (Џеј Балвин, Дуа Липа, Бад Бани и Тајни), „Intentions“ (Џастин Бибер - Квејво), „Dynamite“ (БТС), „Rain on Me“ (Лејди Гага - Аријана Гранде), „Exile“ (Тејлор Свифт- Бон Ајвер).

Во категоријата „Најдобар поп вокален албум“ победник е албумот „Future Nostalgia“ на Дуа Липа.

Наградата за „Најдобра кантри песна“ ја освои песната „Crowded Table“ во изведба на „The Highwomen“, додека наградата за „Најдобар кантри албум“ ја освои албумот „Wildcard“ на Миранда Ламберт.

Албумот „The New Abnormal“ на групата „Строукс“ ја освои наградата во категоријата „Најдобар рок-албум“, наградата во категоријата „Најдобра рок-песна“ ја освои песната „Stay High“, во изведба на Британи Хауард, додека во категоријата „Најдобра рок-изведба“ наградата ја освои Фиона Епл со песната „Shameika“.

Албумот „King's Disease“ на раперот Нас е добитник на наградата „Најдобар рап-албум“.

Песната „Savage“, во изведба на Меган Тие Сталион и Бијонсе, ги освои наградите во категориите „Најдобра рап-изведба“ и „Најдобра рап-песна“, при што за првпат една жена ја освои наградата Греми за „Најдобра рап-песна“.

Меган Ти Сталион исто така ја освои наградата и за „Најдобар нов изведувач“.


- Блу Ајви, ќерката на Бијонсе, освои Греми на 9-годишна возраст

Наградата „Најдобро музичко видео“ ја освои видеоклипот за песната „Brown Skin Girl“ на 9-годишната Блу Ајви Картер, ќерката на Бијонсе и Џеј Зи, снимен со нејзината мајка Бијонсе и Вискид.

Блу Ајви Картер стана втората најмлада личност во историјата на Греми што освоила награда.

Во 2002 година, 8-годишната Лиа Писал како членка на музичката група „The Peasall Sisters“ ја освои наградата Греми за „Албум на годината“ со албумот „O Brother, Where Art Thou?“

Церемонијата за доделување на 63-тите награди Греми, која е позната како „Оскар“ во музичкиот свет, требаше да се одржи на 31 јануари, но беше одложена заради брзото зголемување на новозаразените со новиот вид коронавирус (Ковид-19) во САД.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.