култура и уметност

Големиот египетски музеј – уникатна ризница на историјата во срцето на Гиза

Музејот, кој се смета за најголем во светот посветен на наследството на една земја, претставува уникатна ризница на египетската историја – од предисторискиот период, преку фараонската ера, до римското време.

Aida Cako  | 18.10.2025 - Обновена : 19.10.2025
Големиот египетски музеј – уникатна ризница на историјата во срцето на Гиза

СКОПЈЕ (АА) – Големиот египетски музеј, кој се наоѓа во близина на пирамидите во Гиза, им нуди на посетителите значајно патување низ Древен Египет, јавува Анадолу.

Музејот, кој се смета за најголем во светот посветен на наследството на една земја, претставува уникатна ризница на египетската историја – од предисторискиот период, преку фараонската ера, до римското време.

Првично замислен во 90-тите години на 20 век, музејот се наоѓа на одлична локација со поглед на пирамидите во Гиза.

Неговите темели беа поставени во 2002 година, а изградбата започна во 2005 година.

По години изградба, големиот комплекс - кој зафаќа повеќе од 300.000 квадратни метри - беше завршен во 2021 година.

Во дванаесет изложбени сали се поставени илјадници артефакти, меѓу кои и златните богатства на фараонот Тутанкамон, чија гробница беше откриена во 1922 година, колосалната статуа на Рамзес II и соларниот брод на фараонот Кеопс.

Покрај музејската поставка, објектот располага со детски музеј, конференциски центар, градини и зони за конзервација, што го прави современ културен и образовен комплекс.

Посетителите што пристигнуваат од целиот свет имаат можност да прошетаат низ историјата на Древен Египет во непосредна близина на пирамидите во Гиза, едно од седумте светски чуда на античкиот свет.

Според властите, се очекува музејот да привлекува десетици илјади туристи секоја година, дополнително зајакнувајќи ја позицијата на Египет како водечка туристичка и културна дестинација на Блискиот Исток.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.