САРАЕВО (АА) - Кемал Зорлак -
Гази Хусрев-беговата џамија или Беговата џамија, која е изградена пред речиси 500 години во Сараево, без сомнение претставува едно од најубавите дела на исламската архитектура на Босна и Херцеговина, но и пошироко, пишува Anadolu Agency (AA).
Џамијата е вакуф (задужбина) на Гази Хусрев-бег, босанскиот санџакбег и претставува еден од најзначајните објекти од неговата оставнина.
Џамијата во 1530 година ја направил мимарот Аџем Есир Али, Персиец од Табриз, кој бил главен архитект во Истанбул. Со градителот Хајрудин Постриот бил еден од водечките креатори на таканаречената раноцариградска архитектонска школа, а оваа џамија се смета за едно од највредните остварувања на таа школа надвор од Истанбул.

Џамијата се наоѓа во широк двор, во кој има шадрван и турбе. Од сите страни е опкружена со тесни улици на чаршијата и десетици дуќани. Во времето кога е изградена, Беговата џамија претставувала објект од исклучителна важност за урбаниот развој на Сараево, но и за тоа Сараево да го добие статусот на „шехер“ (град). Заедно со Саат-кулата, Беговата џамија со убаво минаре е неизоставен елемент на разгледниците на градот Сараево, но исто така и неизоставна точка за туристите од целиот свет кои го посетуваат главниот град на Босна и Херцеговина (БиХ).
Однатре и однадвор џамијата е украсена со орнаменти, арабески и калиграфски натписи, но внатрешноста на џамијата е таа која посебно го воодушевува секој нејзин посетител.
Во предниот дел, на самата средина на ѕидот, се наоѓа михраб, место од каде имамот ја предводи молитвата. Десно од него е минберот, кој, исто така, го користи имамот, во текот на петочната молитва (џума-намазот) или за Бајрам намаз. Од десната страна на главниот влез е махфилот (галеријата), предвидена за муезинот, кој повикува на молитва. Џамијата има вкупно 51 прозорец, а нагоре се пружа поглед на убаво украсена купола, висока 26 метри. Сето тоа заедно ја сочинува хармоничната целина.
- Џамијата и дуќаните за статусот на шехер -
Мустафа Ватрењак е потомок на Мурат-бег, кој босанскиот намесник Гази Хусреф-бег го задолжил да се грижи за вакуфскиот имот. Токму тоа е она со што денеска се занимава Ватрењак, кој е мутевелија (управник со вакуфот) на Гази Хусрев-беговиот вакуф, поеќе од 15 години. Тој е 29. мутевелија.
Во почетокот на разговорот за АА, Ватрењак говореше за вакуфнамата (документ за некој објект, оставнина, наменета за религиски, образовни, здравствени, општествени и хуманитарни цели) и за тоа што таа претставува. Потсетува дека Гази Хусрев-бег првата вакуфнама ја сочинил 1531 година, а таа се однесувала на џамијата, имаретот и ханикахот. Шест години подоцна, 1537 година, доаѓа втората вакуфнама, која се однесува на медресата. Ватрењак истакнува дека во вакуфнамите се содржат сите детали на функционирање на вакуфот, и дека вакуфнамата во таа смисла може да биде основа за составување на современите документи кои би му одговарале на денешното општество.
„Во вакуфините имаме комерцијален имот, тоа се безистенот, ташлиханот, подоцна тоа беше и Мориќ-хан, амамот и околу 200 дуќани во улиците околу Беговата џамија. Сето тоа го содржи комерцијалниот имот кој треба да остварува приходи. Во вакуфините е дефинирано како се управува со тој имот. Всушност, тоа е една основа и причина зошто овој вакуф толку долго функционира. Во времето кое имаше различни политички режими, вакуфот опстана врз основа на тоа што се повикуваше на вакуфнамите“, истакна Ватрењак.
Понатаму наведува дека Гази Хусрев-беговата џамија со сите вакуфски објекти придонела за развојот за Сараево. Ватрењак истакнува дека за Сараево не може да се рече дека во тоа време било развиено место, но подвлекува дека тогаш сè уште немал статус на „шехер“ (град).
„Гази Хусрев-бег даде печат на сето тоа. Како со хајратите како што е џамијата и останатите објекти, така и со комерцијалните објекти како што е ташлиханот, кој беше еден од најголемите караван-сараи на Балканот. Целиот тој комерцијален имот даде еден печат на ова место, на тој начин што тој стана шехер, едно повисоко ниво. По Гази Хусрев-беговата смрт може да се рече дека тоа беше град помеѓу Истокот и Западот, како воен, административен и образовен центар“, рече Ватрењак.

За Гази Хусрев-беговата џамија, исто така се знае дека е прва џамија во светот која добила електрично осветлување во 1898 година.
Во речиси 500 години постоење, Гази Хусрев-беговата џамија ја посетија бројни државници од различни делови на светот. Ватрењак истакнува дека една од највпечатливите посети била посетата на австроунгарскиот цар Фрањо Јосип, кој во Босна престојувал во 1910 година. Ја посетиле и индонезискиот претседател Ахмед Сукарно во 1954 година, потоа претседателот на Тунис, Хабиб Бен Али Бургубиа, претседателот на Египет, Гамал Абдел Насер и иранскиот шах, Реза Пахлави во 1960 и 1971 година.
Ватрењак наведува дека за време на посетата на Гамал Абдел Насер, во негова придружба бил и Јосип Броз Тито. Додека Насер се клањал, Тито стоел во став „мирно“.
На прашањето колку лица ја посетуваат Беговата џамија годишно, Ватрењак одговара дека нејзини посетители се голем број луѓе кои поминуваат низ харемот на џамијата, без оглед дали станува збор за туристите или за луѓето кои го користат тој комуникациски простор.
Но, кога станува збор за туристите кои ја посетуваат внатрешноста на џамијата, Ватрењак вели дека минатата година ја посетиле 40.000 луѓе и дека таа бројка константно расте.
Џамијата повеќепати е реставрирана, а првата реставрација е извршена во 1737 година, откако е значително оштетена, кога Еуген Савојски го запалил Сараево во 1697 година. Потоа, во 1795 година, извршено е обновување на внатрешноста која била оштетена. Џамијата во повеќе наврати била зафатена со пожари, случајни или предизвикани. За време на гранатирањето на Сараево во текот на агресијата на Босна и Херцеговина (1992 - 1995) и Беговата џамија е погодена со повеќе од 100 минофрлачки и топовски проектили.
news_share_descriptionsubscription_contact
