СЕВНИЦА (АА) - Во местото Рожно, сместено неколку километри низводно на Сава од Севница, родното место на сопругата на актуелниот американски претседател, Меланија Трамп, откриена е скулптура, своевиден споменик на Меланија, сместен во природата, кој го изработил локалниот уметник Алеш Жупевц-Макси, на иницијатива на американскиот мултимедијален уметник Бред Дауни, јавува Anadolu Agency (AA).
Десетина метри од брегот на Сава, локалниот уметник, сликарот на наивна уметност, Алеш Жупевц-Макси, со моторна пила во дрво ја издлабил скулптурата на Меланија Трамп, иако жителите кои беа насобрани на отворањето тврдат дека скулптурата не е ниту приближно убава како првата дама на Америка, а оние кои се повеќе критички настроени, велат дека не станува збор за Меланија.
Скулптурата е сместена неколку метри над земјата, на стебло на тополата кое стои на својот корен. Женскиот лик има долга, златна коса, облечена е во син фустан кој наликува на фустаните кои ги носи Меланија Трамп, а левата рака ја држи подигната високо во знак на поздрав, како да го поздравува зајдисонцето над камбанаријата на околната црквичка во Рожно.
Скромното отворање на скулптурата која ја прикажува Меланија Трамп е одржано со учество на триесетина насобрани лица, неколку посетители од Љубљана и неколку локални жители и човекот кој го иницира целиот овој проект, Бред Дауни, американски уметник од Кентаки кој живее и работи во Берлин.
Освен пијалак и грицки, на крајот на насобраните на отворањето им беше послужена вкусна торта „Меланија“ од слаткарница во Севница, која и понатаму го задржа правото на името, иако адвокатите на Меланија одамна најавија дека ќе подигнат тужби поради неовластено користење на името на првата дама на САД. Сепак, севничаните се одбраниле со тврдењето дека во Словенија има многу Мелании и дека тоа име никој не може да им го забрани.
Самиот уметник Макси не се појави на отворањето со изговор дека имал важна работа, а локалните жители кои дошле и кои го познаваат лично велат дека Макси е скромен, има постојано работа која нема никаква врска со скулптурата, која претставува само негово хоби.
„Макси направи своевиден потфат“, раскажа авторот на проектот, Бред Дауни, кој исто така не дава сликовни или тонски изјави за телевизијата и радиостаниците, бидејќи Макси за помалку од една недела успеал да го отпили врвот на големата топола која растела покрај Сава, на висина од околу 5 метри, а тогаш со помош на скеле од горниот дел на стеблото со моторна пила изработил скулптура која, како што изјави Дауни, „останала длабоко вкоренета во својот роден крај."
Дауни здравата и витка топола ја купил од сопственикот, а потоа го ангажирал Макси да изработи скулптура која ја претставува Меланија Трамп.
„Ова е дел од поголем уметнички проект на кој работев и со кој сакав да направам портрет на Меланија и на местото од кое таа доаѓа. Го ангажирав локалниот народен уметник, да се изразам така, да ја изработи оваа скулптура и притоа снимив филм за него. Уметникот е роден истата година, истиот месец и во истата болница како Меланија“, раскажа Дауни.
Овој мултимедијален проект Дауни го започна во август минатата година, а самата скулптура е завршена во март оваа година.
Дауни не знае дали првата дама на Америка е известена за овој проект, но вели дека граѓаните позитивно гледаат на целата идеја.
Франц Стопар, жителот кој имал можност да присуствува на создавањето на оваа скулптура, смета дека скулптурата воопшто не наликува на Меланија Трамп. Тој не го познава уметникот, но се сеќава дека моторната пила се слушала барем три дена.
„Тоа за него беше многу напорна работа, но не е изработена убава како што е таа, всушност“, вели Стопар.
Тој се сеќава дека на местото на сегашната скулптура, која на некој начин расте со своите корени длабоко во земјата, стоела голема, дебела топола, толку висока што во неа живееле птици. Стопар раскажува како поранешниот сопственик на тополата, за жал, починал пред половина година.
На позитивната атмосфера на отворањето, покрај копривите и грмушките кои растат околу скулптурата, придонесоа и дваесетина жители кои дојдоа на ова, мало необично отворање на изложбата кое следуваше по отворањето на уметничкиот проект одржан една вечер пред тоа во галерија во Љубљана.