култура и уметност

Започна „Exit 2019“, најголемиот музички фестивал во Југоисточна Европа

Првиот ден од фестивалот „Exit“ го носи називот „OPENS day“, бидејќи Нови Сад оваа година ја носи титулата Младинска престолнина на Европа

Aleksandar Savanovic  | 05.07.2019 - Обновена : 06.07.2019
Започна „Exit 2019“, најголемиот музички фестивал во Југоисточна Европа (Foto: Aleksandar Savanovic/ AA)

НОВИ САД (АА) - Со настапот на англиските рок-ветерани „The Cure“, синоќа на Петроварадинската тврдина започна фестивалот „Exit 2019“ (Егзит 2019). И покрај силниот дожд во пресрет на нивниот настап на главната бина од фестивалот, атмосферата беше фестивалска, а „The Cure“ овој настап го отворија со песната „Plainsong“, јавува Anadolu Agency (AA).

На најголемиот музички фестивал во Југоисточна Европа, „Exit 2019“, на главната бина како предгрупа на „хедлајнерите“ на вечерта настапи бендот „65daysofststic“, кој со мешавина на рок-звук и електронска музика ја загреа публиката за настапот на Роберт Смит, во што ни дождот не успеа да ги попречи да уживаат.

Првиот ден од фестивалот „Exit“ го носи називот „OPENS day“, бидејќи Нови Сад оваа година ја носи титулата Младинска престолнина на Европа.

Освен групата „The Cure“, на полноќ, по традиционалниот огномет, белгиската диџеј-ѕвезда Лост Фреквенсис ќе ја преземе главната бина, а нему ќе му се придружи руската двојка Филатов & Карас, и Белгијците „Two Pauz“. Денс-арената ќе ги угости и Шарлот де Вит, Моника Крузе и Илија Ѓоковиќ, а големото финале и затворање на Арената првиот ден им е поверено на Карл Кокс и Масео Плекс, кои, меѓу своите самостојни настапи, ќе приредат „back to back“ сет кој ретко се гледа во светски рамки.

Утрешниот ден е посветен на љубителите на потврдиот звук, бидејќи на главната сцена ќе настапи Фил Анселмо, поранешниот пејач на мегапопуларната американска метал-група „Пантера“, кој со својот бенд ќе изведува исклучиво хитови на својата некогашна група. Во текот на четири дена, на над 40 фестивалски бини и зони, ќе настапат речиси 1.000 уметници од целиот свет, а бендовите од регионот ќе имаат посебно место. Голем број посетители доаѓаат од поранешните југословенски републики, а најголемиот број се наоѓа во кампот „Exit“, каде што, меѓу останатите, има голем број посетители од Турција.

Според зборовите на организаторите, овогодишното издание на фестивалот „Exit“ ќе ги надмине сите претходни, пред сè по бројот на туристи, бидејќи се очекува Нови Сад да го посетат повеќе од 60.000 гости од околу 90 земји на светот. Овогодишниот фестивал завршува во понеделник изутрина, по правило, на Денс-арената каде што забавата трае најдолго.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın