култура и уметност

Во Скопје погребан поетот и писател Илхами Емин

„Голем мислител. Човек кој ја познаваше и мистичката филозофија до детали. Човек во кого духот на Руми и Јунус Емре беа несомнено присутни", истакна проф. д-р Ферид Мухиќ

Seyyid Emin  | 29.04.2020 - Обновена : 30.04.2020
Во Скопје погребан поетот и писател Илхами Емин ( Foto: Seyyid Emin/ Anadolu Agency )

СКОПЈЕ

Во Скопје денеска е погребан еден од најзначајните турски литерати од Северна Македонија, писателот и поет Илхами Емин, кој вчера почина на 89-годишна возраст, јавува Агенција Анадолија (АА).

По верскиот обред во скопската џамија во Чаир, на скопските гробишта „Бутел“ е одржана погребната молитва и извршен е погребот на Илхами Емин. Погребот е изведен во кругот на семејството и најблиските пријатели поради пандемијата на новиот тип коронавирус, Ковид-19.

Емире Емин, пензионирана новинарка, сопругата на покојниот Илхами Емин, даде изјава за АА, велејќи дека по смртта на нејзиниот сопруг добила телефонски повици од речиси секој дел од земјата, вклучувајќи ги тука Турција и државите во кои се говори турскиот јазик.

„Загубивме голем човек, голем писател, голем поет“, истакна г-ѓа Емин.

Неговиот син Рифат рече дека болката е многу голема по смртта на неговиот татко. „Нашите молитви се со него. Мојот татко беше личност која не му служеше само на нашето семејство. Тој беше човек со добро срце и голема душа кој во исто време му служеше на турскиот народ во Северна Македонија, на Балканот и на турската исламска култура. Луѓето го знаат тоа многу добро.“

Проф. д-р Ферид Мухиќ, филозоф и писател, кој беше близок пријател на покојниот Илхами Емин, истакна дека станува збор за голем писател.

Опишувајќи го Илхами Емин како најголем писател на турски јазик во регионот, д-р Мухиќ истакна:

„Голем мислител. Човек кој ја познаваше и мистичката филозофија до детали. Човек во кого духот на Руми и Јунус Емре беа несомнено присутни. Човек кого јас го знаев повеќе од 55 години. Човек за кого можам да кажам дека околу него се ширеше чувството на „Ѓулбахче“, а кога се движеше околу него се чувствуваше мирисот на розите. Човек кој имаше исклучителен опус и создаде неколку извонредни романи и збирки на поезија. Тој си замина, но неговиот дух е тука со нас.“

Мухиќ потенцираше дека целиот Балкан, Турција и Румелија треба да се гордеат со Илхами Емин.

Поранешниот конзул на Северна Македонија во Истанбул, Зерин Абаз, и близок пријател на семејството на Илхами Емин, рече дека е загубен уште еден голем човек.

Истакнувајќи ја својата длабока жалост што турската литература во Северна Македонија изгубила еден гениј, г-ѓа Абаз сподели една случка со Илхами Емин, раскажувајќи:

„Пораснавме со неговите песни и раскази. Во исто време тој беше наш семеен пријател, добар другар со мојот брат. Во еден период дојде до намалување на бројот на ученици во турските одделенија во Средното училиште „Јосип Броз Тито“, а почитуваниот Илхами сакаше да помогне во настанатиот проблем. Се сеќавам како денес, заедно отидовме кај тогашниот претседател на државата и помогнавме во отворањето на турските одделенија во тоа време. Турските одделенија повторно беа отворени. Неговите дела особено ми помогнаа за мојата магистратура и докторат на Универзитетот „Хаџитепе“. Беше многу пријатен во разговорите. Беше многу добар човек. Господ нека го благослови, неговото место нека е рајот.“

По погребот на Илхами Емин беа читани делови од Куранот и се одржа кус ваз (проповед кај муслиманите).

- Кој е Илхами Емин?

Роден во Радовиш, на 8 август 1931 година. Основно училиште завршува во родното место, а средно економско стручно училиште и Педагошка академија во Скопје. Беше наставник во Основното училиште „Тефејуз“.

Во тој период започна да работи како новинар во весникот „Нова Македонија“, од каде преминува во весникот на турски јазик „Бирлик“. Потоа работи во Републичкиот комитет за култура, a стана член на Друштвото на писатели на Северна Македонија во 1956 година. Тој е првиот одговорен уредник на месечното списание за уметност „Сеслер“ на турски јазик, чиј прв број излезе во декември 1965 година. На оваа функција остана до 1973 година, кога стана одговорен уредник на програмата на турски јазик во Радио Скопје.

Во првите години од својата функција даде свој придонес во унапредувањето на радиопрограмата на турски јазик. Во 1978 година е избран за генерален директор на Театарот на народностите во Скопје. Од оваа позиција премина во составот на Министерството за култура на Македонија и стана заменик-министер за култура на Република Македонија, останувајќи на таа позиција до своето пензионирање.

Творец е на дела од различни жанрови, а успешни беа и неговите театарски дела. Илхами Емин беше и многу добар филмски критичар, а има изработено и голем број преводи од турски на македонски јазик.

Покрај песните на Назим Хикмет, тој има преведено избор песни на Јесеви, Јунус Емре и Мевлана. Тука е и „Легендата за илјадници бикови“ на Јашар Кемал, „Белата тврдина“ и „Се викам црвено“ на Орхан Памук, како и делови од Патописот на Евлија Челебија кои се однесуваат на Северна Македонија. Во исто време на македонски јазик ја преведе и книгата „Основањето на Отоманската Империја“ на Фуат Ќопрулу.

На Меѓународниот фестивал на турска поезија одржан во Ашкабат, главниот град на Туркменистан, му беше доделена наградата „Големо знаме“. Добитник е и на наградата „Книжевен жезол“, која ја доделува Здружението на писатели на Македонија. Му беше и преведувач од турски на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито.

Некои од делата на Илхами Емин:

„Трагање“ (1954), „Животот пее и плаче“ (1955), „Деноноќија“ (1957), „Сарај без мачка“ (1964), „Четириесет пријатели“ (1965), „Отаде каменот“ (1965), „Сончеви песни“ (1972), „Трендафил - цвет“ (1972), „Трендафил - дом“ (1974), „Азбуката низ песни“ (1974), „Јурукче“ (1984), „Розариум“ (1985), „Ѓулдесте“ (1991) и „Ѓулдин“ (1993). 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.