Ivana Ramadanova
21 Март 2016•Ажурирај: 22 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод 21 Март, Светскиот ден на поезијата, Скопје по втор пат и се приклучи на глобалната кампања „Плати со поезија“ на Јулиус Мајнл, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите, во кампањата се вклучени над 30 земји и повеќе од илјада кафетерии низ светот, а свој придонес денеска ќе можат да дадат и скопјани кои ќе може да испијат кафе или чај и да го платат со поема.
"Целиот настан започнал во Виена каде што лугето доаѓаат во кафулиња и пишуваат поезија и со тоа го плаќаат своето кафе. Минатата година имавме повеќе од 600 поеми кои граѓаните имаа можност да ги пишуваат во три кафулиња. Поради големата заинтересираност, оваа година го зголемивме бројот на пет кафулиња, а тоа се кафулето Наргиле“ во чаршија, „Венето“ во Скопје Сити мол „Паладиум“ во Капиштец, „Дион“ на Кеј и „Баду“ во Порта Влае. Акцијата ќе трае од 10 до 17 часот", вели Бојан Бошковски.

На самите локации присуствуваат и познати поети кои ќе ги оценуваат поетските творби на граѓаните кои потоа ќе добијат и награди. Поемите кои ќе бидат напишани ќе бидат испратени во Јулиус Мајнл во Виена.
"Како млад поет имав можност да се вклучам во оваа кампања уште минатата година. Оваа година ќе се обидам на сите кои што ќе сакаат да напишат поема да им помогнам во намерата за да можат преку стих да го искажаат она што го чувствуваат. За сега има многу обиди од страна на младите кои сакаат да напишат некој стих. Сепак тоа е креативен процес на кој треба да се работи" ,смета поетесата Шопова Љубица.