АНКАРА
„Istanbul Photo Awards“ се смета за еден од најдобрите натпревари во светот на фотографите и фоторепортерите, рече српскиот фоторепортер Андреј Исаковиќ, кој оваа година ја освои наградата во категоријата „Единечна фотографија во спортот“.
Во време кога целиот свет се обидуваше да ја прифати новата реалност која ја донесе пандемијата со коронавирусот, како и другите кризи, фоторепортерите ја снимаа историјата правејќи моќни фотографии.
Зборувајќи за победата, Исаковиќ, кој работи за Агенцијата „Франс прес“ (AFP), рече дека фотографијата била направена за време на минатогодишната трка во Формула 1.
„Трката се одвиваше вообичаено сѐ до половината од натпреварот“, рече Исаковиќ.
Можел да си замине во тој момент, но одлучил да ѝ верува на својата интуиција и останал.
„Некако предвидов дека нешто ќе се случи, особено во тој квартал“, рече Исаковиќ.
„Во тој момент, не размислуваш, реагираш по инстинкт, продолжуваш да сликаш“, рече тој, мислејќи на драматичниот судир во сезоната во 2021 кога Верстапен и Хамилтон се судрија, кога болидот на Верстапен се качи врз болидот на Хамилтон во Монца.
„Јас сум горд што сум еден од победниците во овој натпревар во категоријата „Спорт“, бидејќи „Istanbul Photo Awards“ се смета за еден од најдобрите натпревари во светот на фоторепортерите“, рече тој.
Тој додаде дека добил бројни позитивни имејлови во кои му честитаат колегите од целиот свет.
Околу изборот на фотографија за учество на натпреварот, рече дека одлуката била на неговата агенција.
- Моќта на фотографиите
„Клише е кога луѓето велат дека фотографијата е вредна илјада зборови, дека може да ни каже многу, но некогаш е вистина“, рече Исаковиќ.
„Јас, исто така, бев многу горд да зборувам од моја страна за оваа фотографија бидејќи беше широко објавувана, широко користена на Инстаграм. Луис Хамилтон има илјадници коментари на оваа фотографија на неговиот профил.“
„Сите телевизиски канали ја користеа оваа фотографија, која може да се каже дека е снимена на традиционален начин со фотоапарат. Ова ја покажува мојата, а и борбата на многу други фоторепортерството да има свое место во модерното општество за да носи вести на луѓето“, рече тој.
„Сѐ уште ја гледате моќта на една фотографија, и покрај тоа што луѓето велат дека сме надминати од мултимедиумите. Не мислам така“, рече тој.
„Мислам дека овој натпревар е доказ дека една фотографија може да донесе многу емоции, вести и многу друго“, додаде.
- Техники, приказни, технолошки случувања
Истакнувајќи дека како агенциски фоторепортер, мора да достави фотографии до претплатниците во реално време, рече дека изминатите технолошки достигнувања во полето на фотографијата можат да помогнат.
„Можете да пренесувате многу фотографии од камерата, можете да направите многу работи со камерата и на крајот вашиот клиент да ја добие фотографијата за неколку минути“, рече тој.
Сепак, технологијата може да помогне ако фотографијата е моќна.
„Само една камера и едно добро око е сѐ што е потребно“, рече тој.
„Дополнително“, рече тој, „вашиот инстинкт и искуство како фоторепортер, се, исто така важни.“
Тој, исто така им даде неколку совети на младите колеги во професијата, а како за прв и многу важен чекор им укажа на тоа дека треба да бидат искрени.
„Она што го мислам е дека тие не треба да си играат со фотографиите. Ако оваа фотографија е за фоторепортерство, мора да виде вистинита, да ги информира луѓето за она што се случува и да раскаже убава приказна“, рече тој.
Оваа година натпреварот беше поддржан од „Канон“, Агенцијата за соработка и координација (TIKA) и „Туркиш ерлајнс“.